ПОВЕЌЕ

    МНОГУ НЕВРАБОТЕНИ, МАЛКУ РАБОТНИ МЕСТА: Најбарани продавачите и општите работници

    Време зa читање: 5 минути

    Понудата се состои од 4.674 отворени работни позиции, а во Агенцијата за вработување шанса бараат 107.588. На списоците се и 13.251 лице кои осум, па и повеќе години се во исчекување дека ќе добијат работно место. Најголема потреба од работници има преработувачката индустрија. На списокот најбарани занимања се и возачите на камион, келнерите, програмерите и градежните инженери

    Во моментот, во државата има 4.674 слободни работни места, според евиденцијата на Агенцијата за вработување, што е за 23 пати помалку од потребното, бидејќи бројот на лицата кое бараат работа е над сто илјади. Поточно, на последниот ден од април, согласно податоците од АВРСМ, регистрирани биле 107.588 активни баратели на работен ангажман. На таа листа повеќето се жени – 54.796.

    Сликата за состојбата со невработеноста покажува дека бројот на невработени се зголемува паралелно со возраста. Најмалку евидентирани има во категоријата до 19 години, 1.597, а најбројни се лицата без работа на возраст од 55 до 59 години – 16.245. Очекувано, бројна е и групата каде што се заведуваат оние кои имаат над 60 години, а немаат работа, 14.332.

    На ниво до десет илјади се уште три возрасни категории од 20 до 24 години – 8.564, од 25 до 29 години – 9.594 и од 35 до 39 години 9.991.

    На 31 април во групата од 30 до 34 години има 10.246 лица, од 40 до 44 години се 10.929, од 45 до 49 години – 12.675, а 13.415 се запишани во категоријата наменета за оние на возраст од 50 до 54 години.

    Од аспект на школуваноста, меѓу лицата што се во потрага по работно место најбројни се тие кои се без и со основно образование. Ги има 63.867, од кои повеќето се жени, 33.918. Со незаокружено средно образование се 9.611, а со завршено средно се 25.792 лица. Во евиденцијата има и 813 со вишо образование. Високо образувани, а без ангажман се 6.904 лица, меѓу кои, со број од 4.449 се жените.

    Невработени кои го стекнале звањето магистер се 583. Додека, пак, со титулата доктор на наука во списоците на АВРСМ се регистрирани 18 лица. Од нив, 11 се жени.

    Кога станува збор за чекањето работна шанса, податоците од Агенцијата упатуваат дека најбројни се оние кои се надеваат веќе две години – 16.988 лица. А, 14.717 се заведени во групата од еден до пет месеци.

    Помалку од еден месец работа чекаат 3.243 лица, но има и такви кои се со долг стаж во евиденцијата на АВРСМ. Се чини неверојатно дека има луѓе кои во голем временски период егзистенцијата ја бараат исклучиво преку Агенцијата, но статистиката покажува дека осум и повеќе години во исчекување дека ќе добијат работно место се 13.251 лице. Меѓу нив, жени се 4.310.

    На списоците од шест до 11 месеци има 10.484 лица, од 12 до 17 месеци – 6.647, од 18 до 23 месеци 5.143 лица. Потоа, три години работа бараат 13.118 лица, четири години – 13.646, а од пет до седум години 10.351 лице.

    Според етничката структура, пак, најмногу од невработените се Македонци – 45.489. Од нив, жени се 22.905. Понатаму, табелата вели: без работа се и 40.578 Албанци, 7.174 Турци, 10.950 Роми, 570 Срби, 129 Власи, 332 Бошњаци, а под графата други се забележани 2.366 лица.

    Што се однесува до понудата на слободни работни места, најмногу ги има во Скопје -2.828. Тетово има 492 отворени позиции, Куманово  301, Охрид 269, Штип 218, Битола 165, Прилеп 157, Велес 111, Виница 94, Кавадарци 87, Кочани 81, Македонски Брод 79, Струмица 75, Гевгелија 50, Свети Николе 20, Струга 19, Гостивар                16, Кичево 11, Неготино 9, Валандово и Ресен по 6, Крушево 3, Радовиш 2, а Кратово, Крива Паланка, Пробиштип, Дебар и Делчево  засега се само со по едно слободно место.

    Во Демир Хисар и Берово, работни места за пополнување – нема.

    Најголема потреба од работници, 1.303, има во преработувачката индустрија, во градежништвото недостигаат 661 лице, а во сегментот објекти за сместување и сервисни дејности со храна – 613. Во транспорт и складирање се отворени 500 позиции, во административни и помошни услужни дејности 263, во информации и комуникации 211, а 151 место е празно во секторот финансиски дејности и дејности на осигурување. Евиденцијата вели дека позиции за пополнување има и во непознат сектор – 104.

    Можности за вработување има и во други сектори, но засега таква потреба нема во дејности на домаќинствата како работодавачи и во сегментот снабдување со електрична енергија, гас, пареа. Тука во евиденцијата на АВРСМ е запишана нула.

    Работодавачите се во потрага по 461 продавач, а кусок се и со 351 општ работник. Во табелата најбарани занимања се уште и возачи на камион – 202, келнери 171, работници за едноставни работи на производствена линија 141. Недостигаат и 109 програмери, 107 градежни инженери, но и 101 контролор за квалитет на производство. Празни се 97 позиции за готвачи и 96 за такси возачи. Не се сите места пополнети ниту во администрацијата, каде се потребни 84 службеници. Можност да се вработат имаат и 79 архитекти.

    На списокот занимања со најголем број работни места се и оние за магационери 76, шанкери 67, шивачи 65, менаџери 62, шивачи на текстил 62, возачи на автобус 59. На бензинките станици се потребни 57, а во градежништвото 55 работници. Се бараат и возачи на товарно возило – 51, 50 ракувачи со машина за пакување, 49 администратори за обработка на податоци, 48 комерцијалисти и 46 тим-лидери.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично