
Како да се планира личен буџет, кога штедењето преминува во инвестирање и зошто секоја финансиска одлука е дел од пошироката економска слика – беа дел од прашањата што ги отвори четиридневната обука за финансиски вештини за млади во Up Hub Струмица.
Во периодот од 11 до 14 мај 2026 година, 20 млади лица учествуваа на обуката во Up Hub Струмица, каде имаа можност подобро да ги разберат личните финансии, штедењето, инвестирањето и поврзаноста меѓу секојдневните финансиски избори и пошироките економски процеси.
Во период кога младите сè почесто носат самостојни финансиски одлуки, но истовремено се изложени и на различни информации, понуди и ризици преку дигиталните канали, потребата од практична финансиска едукација станува сè поважна.
Во рамки на обуката беа обработени теми поврзани со личен буџет, финансиско планирање, штедење, акции и обврзници. Посебно внимание беше посветено на проценката на ризикот и приносот, како и на разбирањето на инвестирањето како процес што бара анализа, време и јасна цел, а не како брза реакција или случаен избор.
Дел од сесиите ја отворија и врската меѓу личните и јавните финансии. Учесниците дискутираа како потрошувачката, формалната работа, штедењето и инвестирањето влијаат врз економската активност, даночните приходи и буџетот, со посебен осврт на директните и индиректните даноци.
Предавачи на обуката беа Олга Рајчиќ, претприемач, експерт за бизнис развој и едукатор за финансиски вештини и Пламен Тодоров, меѓународен експерт од областа на проектниот менаџмент и финансиите.
„Финансиските вештини не значат само да знаете да ја пресметате разликата помеѓу приход и трошок. Тие значат да умеете да поставите приоритети, да препознаете ризик, да донесете одлука врз основа на информации и да размислувате за последиците од таа одлука. Кај младите е особено важно ова да се гради навреме, затоа што малите финансиски навики подоцна стануваат основа за поголема сигурност и самостојност“, истакна Олга Рајчиќ.
Преку учеството на обуката, младите стекнаа практични знаења што можат да ги применат при планирање личен буџет, проценка на финансиски информации, споредување различни можности за штедење или инвестирање и носење поодговорни одлуки. Обуката придонесе финансиските теми да станат поблиски, поразбирливи и попрактични за учесниците.
Во завршниот дел, учесниците се вклучија и со свои кратки презентации, преку кои ги споделија своите заклучоци и размислувања.
Оваа обука се одржа како дел од проектот „Младинска мрежа за финансиска писменост на Југоистокот“, насочен кон унапредување на финансиските знаења и вештини кај младите во Југоисточниот регион. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, а го спроведуваат здруженијата Промо Идеа и Новус од Струмица, како и Здружение Круна Плус Радовиш.
Од партнерските организации посочуваат дека финансиската едукација има долгорочно значење за младите, бидејќи им помага подобро да ги разберат изборите што ги прават со сопствените пари, но и начинот на кој тие избори се поврзуваат со економијата, даноците и јавните услуги.
Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
Аналитика








