ПОВЕЌЕ

    Министерката за финансии Ангеловска за Буџетот 2020: За да го зајакнеме човечкиот капитал инвестираме вкупно 154 милијарди денари

    Време зa читање: 9 минути

    Ви го пренесуваме интегралното обраќањето на министерката за финансии Нина Ангеловска од прес конференцијата по повод Буџетот за 2020 година, на која заедно со премиерот Зоран Заев информираа за деталји од буџетот, кој денеска беше утврден на 164-тата седница на Владата на Северна Македонија:

    Пред вас денес претставуваме реален буџет, кој што ги лоцира приоритетите и ги алоцира парите на граѓаните онаму каде што ќе дадат најдобар ефект и резултати.Буџетот за 2020 година има проектирана приходна страна од 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6% споредено со оваа година.

    Проекцијата на даночните приходи е базирана на благо релаксирање на даночната политика со истовремена корекција кај одделни даночни стапки, со која се очекува да се постигне повеќекратен ефект – прво, преку обезбедување поголем даночен опфат, и второ фер и олеснети административни процеси. Со ова ќе се намали даночната евазија, ќе се поддржи приватниот сектор и ќе се стимулира економски раст.

    Кај расходната страна на буџетот планираме раст од 5% во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно 3 милијарди 898 милиони евра. Како процент од БДП расходната страна изнесува 32,4% додека приходната изнесува 30% од БДП. Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3% од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година (2019: 2,5%). Ова е во согласност со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на сите меѓународни организации.

    Исполнувањето на таргетите во Фискалната стратегија е важен показател во насока на фискална консолидација и буџетска дисциплина, обезбедува фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните преку инфраструктурните проекти и низа други мерки.Заради ревидирањето на БДП, во однос на Фискалната стратегија, во апсолутно ниво дефицитот е намален за 160 милиони денари и истиот изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.

    Умереното намалување на дефицитот влијае директно на среднорочно стабилизирање на државниот и јавниот долг.

    Како што слушнавте од Премиерот, овогодинешниот буџет е наменет за инвестиции во човечкиот капитал. Би сакала малку да објаснам што подразбираме под тоа.Како земја, сме исправени пред најголемиот предизвик: како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови и да ги направиме посреќни и помотивирани на нивните работни места?

    Иако не сме единствена земја во оваа ситуација и со ваквиот предизвик се соочуваат и земјите од регионот, сепак, со измерен индекс на човечки капитал (Human Capital Index, кој го пресметува Светска Банка) од 0.53, свесни сме дека заостануваме дури и зад нашите соседи.

    Индексот од 0,53 значи дека, секој млад човек, кој се раѓа, живее и се едуцира во нашата земја има услови за да испорача само 53% од својот потенцијал, односно од целосниот потенцијал што го има млад човек кој се развива во здрава средина со квалитетно образование и услови за живот.

    За мене, како млад човек кој што се градел, придонесувал и работел во ова општество поразително е тоа што наместо да се подобрувале – долго време столбовите на човечкиот капитал: здравството, образованието и социјалната политика се уназадувале.Во оваа насока, Буџетот за 2020, во рамки на фискалните параметри кои веќе ги напоменав, го насочивме кон луѓето и кон подобрување на условите во кои што луѓето ќе можат да исполнат што повеќе од својот потенцијал.

    Според функционалната поделба на буџетот, можам да кажам дека годинава во функциите ЗДРАВСТВО, ОБРАЗОВАНИЕ и СОЦИЈАЛНА ЗАШТИТА инвестираме вкупно 154 милијарди денари. Тоа е зголемување од повеќе од 10 милијарди денари во споредба со ребалансот од 2019 година, односно последниот Буџет.

    Преку фокусот на овие функции на Буџетот, кои меѓусебно се надополнуваат и го засилуваат ефектот, директно придонесуваме кон посилен економскиот раст и развој.

    За работната сила да може да биде продуктивна, секако дека и се потребни и физичкиот капитал како инфраструктурата и опремата.

    Здрава, едуцирана работна сила може да заработи повеќе и да инвестира повеќе и во физичкиот капитал на едно општество.

    Доколку не го зајакнеме човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст. Во оваа смисла, ни е повеќе од јасно дека ни треба и Национална стратегија за вложување во човечкиот капитал.

    Подобро јавно здравство е нешто што го засега секој од нас во сите фази од животот.Токму затоа оваа година и издвојуваме повеќе средства за здравствена заштита.

    Поради ова, за 9% го зголемуваме буџетот за здравствена заштита и годинава тој ќе изнесува 33,7 милијарди денари. Средствата за здравствена заштита се наменети за финансирање на здравствените услуги и преземените мерки во оваа област како зголемување на капитацијата, достапност на лековите во текот на целиот месец, зголемување на надоместоците на специјалистите, како и за зголемување на платите на медицинскиот кадар во јавните здравствени установи.

    Човечкиот капитал во болниците, лекарите и здравствените работници, мора да бидат мотивирани за да работат и да не размислуваат за заминување во странство. Нам ни треба високостручниот кадар во секоја болница. Премиерот веќе ги напомена планираните зголемувања на платите на средниот кадар и докторите во насока на подобрување на условите за работа.

    Размислуваме постојано за подобрување на условите во болниците и за изградба на нови. Зашто мора да инвестираме во пристојни, а каде може и модерни, услови за лекување. Одвоивме 1,5 милијарди денари за капитални инвестиции во здравството.

    Предуслов за квалитетни идни генерации, е квалитетното образование. Неверојатно е колку развојот на децата и градењето на капацитетите зависи од индивидуалниот труд, мотив и волја на наставникот. Наставниците го помагаат обликувањето на учениците од најраните години. Како Влада, сме одлучни да им покажуваме дека нивниот труд и работа е ценет, затоа и оваа година обезбедивме дополнителни средства за повисоки плати, како што кажа веќе Премиерот.

    Исто така, во насока на подобрување на условите во образованието одвоивме и 1,4 милијарди денари за капитални инвестиции, за реконструкција и изградба на училишни згради, спортски и училишни сали, домови.

    Тука би сакала да спомнам дека, ќе отпочне Проект за реконструкција на студентските домови со КФВ банката, а ќе се  продолжи и со реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во средните и основните училишта во државата.

    За првпат годинава, се обезбедија финансиски средства за отпочнување на програма за инклузивно образование.

    80% од развојот на мозокот на детето се случува до петгодишна возраст. Тргнувајќи од начелото дека децата имаат право на квалитетно предучилишно згрижување, воспитување  и образование, Владата на Република Северна Македонија се посвети до 2021 да го зголеми за 50% опфатот на деца од предучилишна возраст во установите за згрижување и воспитување.  Во 2020 одвоивме 360 милиони денари за изградба на детски градинки и зголемување на постојните капацитети.

    Обезбедувањето на соодветно ниво на социјална заштита на најранливите слоеви на населението е од особена важност за постигнување на повисоко ниво на социјална правда. Оттука, во буџетот по овој основ планирани се средства во износ од 10,5 милијарди денари, во чии рамки е опфатена веќе започнатата реформа на системот за социјална заштита преку воведување на гарантиран минимален приход.

    Со реформата на социјалната заштита од минатата година, се изврши редизајнирање на видовите и таргетирањето на социјалната помош, со цел поддршка на најранливите категории, како и обезбедување на социјална сигурност на возрасните лица.

    И во овој буџет одвојуваме средства за деинституционализација и социјални услуги. Процесот на деинституционализација требаше да извади 180 деца до 18 годишна возраст од институциите, а најголем дел од нив, се веќе сместени во топли домови.

    Можам да кажам дека Буџетот за 2020 предвидува подобрување на стандардот и на возрасните лица за што зборуваше и Премиерот.

    Приватниот сектор е важен генератор за економски раст и затоа Владата останува посветена на креирање на соодветни политики како одговор на клучните предизвици со кои се соочува приватниот сектор. Така за мерката за субвенционирање на придонесите на платите за оние компании кои ќе ги покачат платите од 600 до 6000 ден се обезбедени 2.4 милијарди денари. Не само што со оваа мерка се адресира проблемот на привлекување, задржување и мотивирање на квалитетните кадарот туку истата е дизајнирана на системски и одржлив начин, бидејќи придонесите за покачените плати ќе се слеваат директно во фондовите.

    Понатаму 3 милијарди денари се одвоени за зголемување на конкурентноста на приватниот сектор, преку мерки за нови инвестициски вложувања, мерки за поддршка на извозот и освојување на нови пазари, поддршка за создавање на нови вработувања, поддршка на малите и средните претпријатија, иновативната дејност, технолошки развој и истражување и странските инвестиции во технолошко индустриските развојни зони. Активните политики за вработување кои се во износ од 1.3 милијарди денари се исто така мерка,  која е и во насока на поддршка и на бизнисите бидејќи се овозможува ре-квалификација, доедукација на кадарот за да ги пресретне потребите на приватниот сектор… Понатаму во насока на поддршка на малите и средни компании е и зголемувањето на ДДВ прагот кој од 1ви јануари ќе изнесува 2 милиони денари. Со ова ќе се намали административниот товар и за обврзниците и за даночната администрација со што ќе се ослободат капацитети за адресирање на сивата економија како реален предизвик за економски раст.

    Премиерот веќе ги сподели клучните проекти. Капиталните расходи за 2020 година ги проектираме на ниво од 23 милијарди денари. Проекцијата е меѓу иницијалната проекција од годинава и ребалансот, а во согласност со досегашната реализација и капацитетите на буџетските корисници. Со ова, сакаме да покажеме еден поинаков дискурз на планирање на капиталните инвестиции. Во оваа насока, Министерството за финансии пред две недели излезе со нова алатка за транспарентност преку следење на реализацијата кај капиталните расходи. Ве поканувам најмалку еднаш месечно да ја посетувате и ете, да го дадете и вашиот придонес за подобра реализација.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично