ПОВЕЌЕ

    МИНАТАТА ГОДИНА ХРАНАТА ПОСКАПЕЛА ЗА 4,4 ПРОЦЕНТИ во однос на 2023 година

    Време зa читање: 4 минути

    Цените на мало на прехранбените производи во 2024 се повисоки за 4,4 проценти во однос на 2023 година, покажуваат податоците од Државниот завод за статистика. Во одделни месеци имало различни варијации, но крајната пресметка е таа. Ако, пак, се спореди само декември 2024 со декември 2023 година, скокот на цените е уште поголем и изнесува 5,7 проценти, но затоа во декември во однос на ноември има пад од 0,5 проценти.

    Кога ќе се споменат цени, обично првата асоцијација на граѓаните е цената на храната. До 15 јануари во сила е „новогодишната кошница“, каде што на доброволна основа влегоа над 1.000 производи. Пазарниот инспекторат направи контрола и утврдија дека цените на производите од „новогодишната кошница“ се намалени за 10 отсто и на рафтовите се ознечени со соодветната ознака „Помалку трошоци, повеќе за тебе – Се грижиме!“. Сепак, граѓаните реагираа дека одредени неопходни производи, како што се јајцата и маслото за јадење, многу поскапеле.  Ова го воочило и Министерството за економија.

    „Доколку трговците нe покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во ‘новогодишната кошница’, ќе донесеме поригорозни мерки како ограничување на профитни маржи и цени“ – изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, пред новогодишните празници.

    По објавувањето на податоците за инфлацијата од страна на Државниот завод за статистика, според кои, трошоците за живот во декември се зголемиле за 4,4 проценти во однос на ланскиот декември, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, рече: „Можеме да интервенираме веднаш со ограничување на цените, но сакаме да не го употребиме тој инструмент“.

    ОВОШЈЕТО И ЗЕЛЕНЧУКОТ НАЈМНОГУ ГИ „НАХРАНИЈА“ ТРОШОЦИТЕ ЗА ХРАНА

    Додека просечниот раст на цените на мало на храната во 2024 во однос на 2023 година покажува зголемување од 4,4 проценти, трошоците за храна и пијалоци поажуваат раст од 2,9%. Разликата произлегува од тоа што во пресметките на трошоците влегуваат најчестите производи што ги употребува едно домаќинство.

    Податоците покажуваат дека најмногу пораснале трошоците за овошје 7,8% и зеленчук 7,5%. Единствен производ каде што има намалување на трошокот е „масла и масти“ со просечен пад во 2024 во однос на 2023 година од 3,9%.

    ВО 2024 ИМАВМЕ ПОВИСОКИ ТРОШОЦИ НА ЖИВОТ ЗА 3,5 ПРОЦЕНТИ ВО ОДНОС НА 2023 ГОДИНА

    Државниот завод за статистика прави пресметка на движењето на цените на мало, како и на трошоците за живот. Индексите на трошоците на животот според COICOP (Classification of Individual Consumption by Purpose), како меѓународен стандард, претставува класификација на личната потрошувачка по намена: колку растат или опаѓаат трошоците за храна, за енергија, за услуги… Но, притоа се земаат предвид производите и услугите што најчесто се користат. Затоа има и разлики меѓу индексите на цените на мало и индексите на трошоците на живот, позанати како инфлација.

    Храната е само еден сегмент од пресметките. Вкупната просечна инфлација за 2024 во однос на 2023 година изнесува 3,5%, додека заедничкиот раст на цените на мало изнесува 3,8 проценти.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    ЦЕНИТЕ РАСТАТ, ИНФЛАЦИЈАТА НАПРЕДУВА – во декември 4,4 проценти

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично