ПОВЕЌЕ

    МФ: Повластени 5% ДДВ за прехранбените артикли од секојдневната употреба и за е-учебниците

    Време зa читање: 2 минути

    Сите основни прехранбени артикли, кои се дел од секојдневната употреба на граѓаните, се наоѓаат на листата производи кои ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5 проценти. Листата, што ја усвои денес Владата, содржи над 1.600 производи. А, се проширува со производи како што се електронските/дигитални учебници и други производи. На оваа листа на повластена стапка на оданочување остануваат и пелетите за загревање, соопштија од Министерството за финансии.

    Согласно донесената Одлука од страна на Владата, граѓаните и натаму ќе ги купуваат производите со пониска даночна стапка како што се лебот, белиот шеќер, брашното, маслото од сончоглед, млекото и павлаката, месо, јајца, сирење, урда, кашкавал, овошје и зеленчук, тестенини, супи, ајвар, природен мед, сол, кечап…

    Листата е долга и содржи голем број производи кои граѓаните ги користат и се дел од  секојдневната исхрана.

    Владата, согласно донесените измени на Законот за данок на ДДВ, усвои и Одлука за примена на повластена стапка на ДДВ од 10 проценти за производи со помала потрошувачка и имаат третман на луксузен производи, односно не претставуваат основни производи во исхраната.

    На оваа листа се наоѓаат месо од ирвас, лосос, сирење со сина мувла, сирење од типот toffy, јагула, семе од лен, масло од палма и кокосов орев, кавијар, школки, тропско овошје како папаја, манго и авокадо…

    Вклучувањето на дел од производите кои ќе се оданочуваат со оваа стапка, е со цел да се заштити здравјето на граѓаните, наведуваат од Министерството за финансии.

    Дополнително, целта е заштита на домашното производство на прехранбени добра и поддршка на домашните компании.

    Одлуките произлегуваат од донесните измени на Законот за ДДВ, во рамки на даночната реформа, која треба да придонесе за воспоставување современ даночен систем, кој ќе почива на принципите на праведност и правичност.

    Исто така, во соопштението се наведува: „Во насока на заштита на стандардот на граѓаните Владата донесе и одлуки за намалување на увозните давачки за свежиот зеленчук и ориз, како и свежиот домат, краставици и пиперки и укинување на увозните давачки за аргуми, односно портокал, лимон, грејфрут и мандарина. Со одлуките пониски увозни давачки ќе има кромидот, празот, карфиолот, блокулата, морковот, модриот патлиџан, тиквичките и слично“.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично