ПОВЕЌЕ

    Мермерен комбинат: Понудата за преземање од „Павлидис“ – успешна

    Време зa читање: 3 минути

    Прилепскиот Мермерен комбинат заврши со процесот на преземање и официјално е во сопственост на грчки „Павлидис“.

    „Мермерен комбинат АД Прилеп (‘Мермерен’) е известен дека понудата за преземање од Павлидис Едно Лице АД Мермер-Гранит (Pavlidis Monoprosopi A.E  Marmara- Granites) на сите обични акции со право на глас издадени од Мермерен, е успешна“. Ова е кусата информација што компанијата ја пласираше на Македонска берза.

    Претходно, минатиот месец беше објавено и мислењето од Одборот на директори во однос на понудата за преземање, односно за позитивните ефекти што ќе ги предизвика промената на сопственоста во деловното работење и за вработените.

    Инаку, „Павлидис“, кој претходно поседуваше 4.493.210 обични акции со право на глас, или 95,87 проценти, ги презема преостанатите 193.648 акции.

    Исто така, од Одборот на директори беше наведено дека состојбата на компанијата на крајот од минатата година била солидна – со нето добивка од 859.626 илјади денари (речиси 14 милиони евра, со вкупен капитал и резерви од 2.595.229 илјади денари (42,2 милиони евра), а книговодствената вредност на акцијатае 537,61 денар.

    Во деветте, пак, месеци од работењето, Мермерниот комбинат остварил нето добивка од 574.127 илјади денари или 9,3 милиони евра, што е под резултатите од споредбениот период – 614.245 илјади денари, односно десет милиони евра.

    Намалени се и вкупните приходи од продажбата, кои на крајот од септември се во износ од нешто над 20 милиони евра (близу 21,8 милиони евра лани). Познато е дека Комбинатот е со извозна ориентација, а само мал дел од продажбата се врши на домашен терен. Оттаму, приливот од домашниот пазар е 114,4 илјади евра и е повисок од истиот минатогодишен период, кога изнесувал 85,8 илјади евра. А, од извозот се инкасирани 19,9 милиони евра. Во овој сегмент има пад, затоа што лани се работело за сума од 21,7 милиони евра.

    Што се однесува до „Павлидис“, тоа е холдинг чии друштва-ќерки делуваат во доменот на минералните суровини. Презема Комбинат со долгогодишна традиција, кој постои од 1946 година, а во светот е познат по вадењето и преработката на сивецот, регистриран бренд на ситнозрнестиот бел доломитски мермер.

    Според инфрмациите на веб-страницата, десет проценти од акциите на Мермерниот комбинат се тргуваат на Атинската берза (ATHEX), а на Македонската берза за хартии од вредност се тргува со 0,75 отсто од акциите.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично