ПОВЕЌЕ

    МАЛКУ ПОШТАРИ, МНОГУ ШЕФОВИ – Со лошо менаџирање до финансиска криза, вработените бараат реформа на Македонска пошта

    Време зa читање: 2 минути

    Исплата на февруарската плата и итно реформирање на Македонска пошта побараа вработените на денешниот двочасовен протест, кој се одржа пред Дирекцијата и во сите подружници. Платата не ја добиле во законскиот рок до 15 во месецот, а загрижени се и поради лошата финансиска состојба на акционерското друштво. Доколку работите не почнат да се средуваат, ќе стапат во штрајк.

    Проблемите се должат на долгогодишната лоша кадровска политика и лошото менаџирање со Поштата, велат од поштенскиот Синдикат, нагласувајќи дека со години наназад ги алармираат и раководството и Владата. Притоа, наспроти преполната администрација и големиот број шефовски позиции, има недостиг на луѓе за работните места во шалтер службата, нема доволно поштари, а најголемиот дел од работно ангажираните – 80 отсто, се со минимална плата.

    „Финансиската криза е резултат на лошата организација на работењето во Македонска пошта предизвикана од кадровската политика и менаџирањето кое се спроведува со непродуктивно прераспоредување и вработувања, со што се доведовме во состојба на недостаток на работници во технолошкиот процес, каде што највеќе се потребни работниците, а тоа се пошта-разнесувачи, недостаток на шалтерски работници и на работници во технолошкиот процес. Како резултат на тие политики имаме преполни работни места во администрација и шефовски позиции“, посочи претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов, додавајќи дека сето тоа ги демотивира вработените кои заминуваат од Пошта.

    Досега, нагласува првиот поштенски синдикалец, за сите укажувања и барања за реформа и реорганизација на Пошта раководството и Владата немале слух.

    „Долгогодишните барања на вработените и синдикатите за реформирање и опстојување на Македонска пошта се изготвување нова систематизација, нов колективен договор, реонизација на поштенските реони, технолошка модернизација и измени во Законот за поштенски услуги. Затоа со овој протест и оваа прес-конференција ја повикуваме Владата која е основач и сопственик на Македонска пошта заедно со раководството веднаш и без одлагање да се заложат за обезбедување финансиски средства за редовна исплата на плата, како и преземање итни мерки за реформирање и реорганизирање на работењето на Македонска пошта што би довело до стабилизација и опстојување на компанијата“, вели Велигденов.

    Во спротивно, протестите ќе продолжат, а ќе се организара и штрајк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично