ПОВЕЌЕ

    МАЛА БАНКА СО ГОЛЕМ СКОК – Добивката на ТТК се вивна за 73 проценти

    Време зa читање: 3 минути

    Зголемена профитабилност и надминати очекувања во поглед на растот го обележуваат работењето на ТТК банка во текот на изминатата 2023 година. Финансискиот резултат не само што е позитивен, туку и покажува зголемување од 72,9 насто. Со што планот е исполнет со 108 проценти.

    За ТТК банка постигнатото се „темели на здрава основа и во согласност со окружувањето“, односно оттаму и добивката од 105,2 милиони денари или 1,7 милиони евра, што претставува повисок резултат за 72,9 насто во однос на истиот период 2022 година.

    Од Банката образложуваат дека повисокиот финансиски резултат првенствено се должи на забрзаниот раст на оперативните приходи од 6,8 насто. Истовремено, со контрола врз оперативните расходи, во овој сегмент движењето е 3,3 проценти. Воедно, се посочува дека исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува 47,5 милиони денари (над 770 илјади евра).

    Во финансиските остварувања најзначајна е улогата на каматите, односно на приливите што доаѓаат со нивното пресметување. Во ТТК обезбедиле нето-приходи од 307,5 милиони денари (безмалку пет милиони евра), со што во овој сегмент планот е остварени со 107 проценти. Споредено со крајот на 2022, се бележи раст од 23,5 насто, односно за близу 950 илјади евра.

    Зголемени се и нето-приходите од наплатени провизии и надоместоци за извршени услуги – за 14,5 насто. Достигнато е нивото од 176,5 милиони денари (над 2,8 милиони евра). Годишен раст од 10,5 проценти има кај нето-приходите реализирани преку курсните разлики, кои се во износ од околу 252 илјади евра. Останатите приходи од работењето се 920 илјади евра.

    Вкупните оперативни трошоци во текот на минатата година се во износ од 386,8 милиони денари (6,3 милиони евра), а се повисоки за 3,3 насто најмногу поради зголемените трошоци за платите на вработените.

    Од ТТК наведуваат – „периодот на посилен раст на приходите на банката се искористи за јакнење на капацитетот за справување со идни кредитни загуби, со што исправката на вредноста на финансиските средства и на посебната резерва за вонбилансна изложеност на нето-основа изнесува 47,5 милиони денари и соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на банката“.

    Лани ТТК го финализираше процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда и ја зголеми основната главнина за износ од 57.698.000 денари (936,5 илјади евра). Вкупниот капитал по извршената скрип емисија на 965.586 обични акции со номинална вредност од 1.000 денари изнесува 965.586.000 денари (речиси 15,7 милиони евра).

    ТТК банка и понатаму е ориентирана кон стабилното и профитабилно работење, врз основа на реални и предвидливи очекувања, насочени кон кредитната активност која се базира на населението и на малите и средни претпријатија.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично