ПОВЕЌЕ

    МАКЕДОНСКИОТ БЕРЗАНСКИ ИНДЕКС ВО ПОДЕМ – кои акции му даваат сила на МБИ10

    Време зa читање: 5 минути

    Македонскиот берзански индекс МБИ10 ја заврши 2024 година со 10.200,91 поен. Тоа не само што е неговото највисоко постигнато годишно ниво со кој го урна одамна поставениот рекорд. Ова значајно поместување забележано кај основниот индекс придонесе македонската да се вброи меѓу берзите во светот со најголем раст.

    Во македонската берзанска историја ќе остане меморирано дека на 19 декември МБИ10 го надмина прагот од десет илјади и достигна вредност од 10.089,36 поени. Претходниот датум што се памети е 31 август 2007. Тогаш овој индекс имаше вредност од 10.057,77 поени.

    Впрочем, во текот на целата 2024 поволни беа струењата кои влијаат врз формирањето на индексот. Тоа го покажува и споредбениот податок – на последниот ден од 2023, МБИ10 изнесувал 6.116,23 поени, што претставува годишен раст од сериозни 66,78 проценти. Месечната промена, пак, од ноември до декември е 11,98 проценти. Во тој последен месец од изминатата година, најниската вредност што ја имал индексот е 9.193,02, нотиран на втори декември. Сето ова е показател за стабилноста и за потенцијалот на македонскиот пазар на капиталот.

    МБИ10 ги следи цените на најликвидните и највредните акции кои се негови елементи, односно нивниот раст придонесува за зголемување на неговата вредност. Да видиме што се случувало во позадината и што го стимулирало македонскиот берзански индекс во декември.

    Една од најтргуваните, акцијата на „Алкалоид“ во декември остварила месечен раст од 11,54 проценти. Истргувани се 8.420 акции низ 758 трансакции, при што е постигнат промет од 234.757.732 денари (3,8 милиони евра). Последната дневна просечна цена за акција е 28.250 денари.

    Со 13.482 хартии од вредност на „Гранит“ е реализиран промет од 23.387.476 денари (380 илјади евра). Направени се 85 трансакции. На 31 декември просечната цена за акција е 1.859 денари, со месечна промена од 11,32 проценти.

    Најатрактивната за инвеститорите, акцијата на Комерцијална банка за еден месец ја зголеми вредноста за 18,26 насто, со последен просек од 28.440,34 денари. Декемврискиот промет од 282.580.696 денари (4,59 милиони евра) е креиран преку 905 трансакции со 10.298 акции.

    Ценовно стабилна е акцијата на „Макпетрол“ – декември го заврши со дневен просек од 92.788,89 денари, а месечната корекција е за позитивни 6,65 проценти. Со 611 акции е направен промет 54.831.822 денари (891,6 илјади евра) во 121 трансакција.

    Интересот за акциите на „Македонијатурист“ се согледува во прометот од 1.303.896.937 денари (21,2 милиони евра). Извршени се 60 трансакции со купопродажба на 102.435 акции. И покрај тоа, овде се бележи минус од 6,63 проценти, а последната дневна просечна цена е 8.450 денари.

    За 41,59 проценти се кренала цената на акцијата издадена од Стопанска банка Скопје. Декември го заокружи со дневен просек од 2.973,47 денари. Акциите, 25.555 на број, преку 411 трансакции оствариле промет од 66.725.551 денар (еден милион евра).

    Минимален месечен пад од 0,01 процент е регистриран кај хартијата од вредност на „Македонски телеком“. Декемврискиот промет е 37.196.120 денари (604,8 илјади евра). Истргувани се 92.983 трансакции низ 147 трансакции. Последната дневна просечна цена е 400 денари.

    Промет од 45.537.535 денари (740,4 илјади евра) во декември е направен со 821 акција на НЛБ банка, забележани се 176 трансакции. На 31 декември цената е со просек од 56.162,27 денари, додека месечната промена е за 14,02 проценти.

    Со истргуваните 1.847 акции на ТТК банка и 40 трансакции, реализиран е промет од 3.550.062 денари (57,7 илјади евра). Оваа акција на вредноста здобила месечни 8,25 проценти, а 2024 ја заврши со дневен просек од 1.950 денари.

    И акцијата на УНИ банка има мал пад од 0,10 проценти, а последната просечна цена е 7.092,86 денари. Прометот во декември изнесува 10.276.837 денари (167,1 илјада евра). Во 28 трансакции истргувани се 1.407 акции.

    Акциите издадени од УНИ банка повеќе не се дел од МБИ10. Со последната ревизија, тоа место и припадна на акцијата од „Реплек“. Според новиот состав македонскиот берзански индекс почна да се пресметува од 30 декември.

    Новиот елемент на МБИ10, акцијата наРеплек“, оствари декемвриски промет од 77.452.550 денари (1,2 милиони евра). Преку 178 трансакции истргувани се 5.020 акции. Последниот месец од 2024 го заокружи со дневна просечна цена од 16.598,33 денари и со позитивна промена од 10,66 проценти.

    МБИ10 продолжи да расте и во оваа 2025, со стартна позиција од 10.222,15 поени на втори јануари. Една недела подоцна, во официјалната дневна листа од 9 јануари, македонскиот берзански индекс има вредност од 10.376,85 поени.

    Во Македонија, Друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови КБ Инвест, има Отворен инвестициски фонд КБ ИНВЕСТ – МБИ 10. [Тукаима податоци за ризичниот профил на Фондот каде може подетално да се информирате.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    ПОВРЗАНА ВЕСТ

    МБИ 10 ВИСТИНСКИ РЕКОРДЕР ВО ПОСЛЕДНИТЕ ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ – постигна најголемо ниво од 2008 година досега

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично