На 17 февруари и официјално ќе заврши ерата на Доне Таневски во „Македонијатурист“. По барање на најголемиот акционер „Скопски пазар“, на тој датум ќе се одржи вонредна седница на Собранието на акционери на „Македонијатурист”. За дневниот ред се предвидени три точки, од кои едната е – „Донесување одлука за отповикување на членови на Надзорниот одбор на Друштвото“, а другата за избор на нов состав на ова раководно тело и за надоместот што ќе го примаат.
На претстојната седница акционерите ќе гласаат за отповикување на актуелната гарнитура на НО: претседателот Доне Таневски, Верица Хаџи Василева – Марковска (независен член), Владо Богдановски и Ѓорѓи Јанчевски (независен член).
Таневски го предводи Надзорниот одбор од април 2023 година, откако претходно се повлече од претседателската позиција во Управниот одбори и кормилото и го предаде на својата ќерка Мирјана Таневска–Ефремова.
Во тој момент Таневски поседуваше 88.582 обични, односно 19,587 отсто од акциите. Нивото го зголеми и на почетокот од ланскиот октомври во негова сопственост беа 105.829 обични акции или 23,4 проценти.
Од неодамна Доне Таневски веќе не е во редот на големите акционери на „Македонијатурист“, а тоа добро го наплати. По последната продажба на 31.117 акции, за што од компанијата известија на втори јануари, му преостанаа 3,81 отсто. Само од таа блок-трансакција заработи повеќе од седум милиони евра.
Во сите купопродажни активности што се случија изминативе месеци со акциите на „Македонијатурист“, по цената се издвојуваат оние во кои предмет на тргување беа акциите на Таневски. Никој друг не постигна безмалку 14 илјадарки за акција. И тоа во време кога на официјалниот пазар просечната вредноста на акцијата се движеше од 8.450 до 9.955 денари. А, во декември забележа пад од 6,63 отсто.
Кој сѐ ќе биде дел од новиот тим на надзорниот одбор, засега нема официјална информација.
Сопственичката структура на хотелско—угостителската компанија е целосно промената. Покрај „Скопски пазар“, во редот на големите акционери се „М.Г. Фешн“ и „Промедика“.