ПОВЕЌЕ

    Македонија во 2023 година најтешко се справуваше со инфлацијата

    Време зa читање: 6 минути

    Македонија конечно се доближи до Европа според стапката на инфлација, откако во 2023 година најтешко се справуваше со инфлаторната спирала. Според последните податоци од Заводот за статистика, инфлацијата мерена според трошоците на живот изнесува 3 насто во февруари, споредено со февруари 2023 година, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 2,7 насто.

    Народната банка оценува дека нивото на инфлација сѐ уште е над историскиот просек. „Сигналите од анкетите за инфлациските очекувања на потрошувачите исто така се поволни, односно во февруари веќе преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Остварувањата од почетокот на годината се пониски од очекувањата, но нивото сѐ уште е над историскиот просек, а ризиците во однос на идната динамика на цените и натаму постојат“, коментираат од НБРМ.

    Во 2023 година, заедно со Србија и Хрватска, Македонија беше предводник во регионот, па и во Европа, со висока стапка на инфлација, тренд што дојде како постковид синдром, односно како последица од воените тензии и економската криза на глобално ниво.

    Со стапка на инфлација од 5,7 насто на крајот од 2023 година, измерена од Меѓународниот монетарен фонд врз основа на потрошувачките цени, во регионот Македонија стоеше полошо само од Србија, со инфлација од 8,2 насто, и од Хрватска, со инфлација од 6,2 насто.

    Кога ќе се земе предвид стапката на инфлација од дури 9,5 насто, измерена од Народната банка на Македонија како просечна инфлација во 2023 година, се добива уште полоша слика.

    Другите држави во регионот уште во текот на 2023 година имаа поуспешни резултати кога станува збор за една од најтешките борби што ги водат монетарните власти, а тоа е инфлаторната спирала. Косово ја заврши 2023 година со стапка на инфлација од 1,5 насто, Босна и Херцеговина со 2,2 насто, а Грција со 2,9 насто. Во Албанија е измерена инфлација од 3,8 насто, во Црна Гора од 5,1 насто, во Бугарија од 4,7 насто. Во Европската Унија, најуспешна во борбата со инфлацијата е Италија, со измерена стапка од 1,1 насто. Германската економија уште се бори со неповолна инфлација, која на крајот од минатата година изнесуваше 4,1 насто, слично како и Франција, со измерени 4,0 насто.

    Иако инфлацијата во 2023 година се намали во споредба со двоцифрените рекордни стапки што ја покосија економијата во 2022 година, сепак таа сѐ уште претставуваше голем проблем за граѓаните, компаниите и за севкупната економија. Инфлацијата ги јаде платите на граѓаните и им создава големи главоболки на компаниите затоа што доаѓа како увозна компонента, а ги повлече нагоре и каматните стапки, со што финансирањето на секојдневните потреби стана навистина тешко и скапо.

    Македонија во 2022 година имаше инфлација од 14,2 насто измерена од Народната банка, односно 18,7 насто измерена од ММФ. Тоа е драстичен раст во споредба со нивото во 2021 година, кога ММФ пресмета стапка на инфлација од 4,9 насто, а НБРМ од 3,2 насто. Тоа се трите критични години по долг период на стабилни цени, па и дефлаторни трендови во одредени години, но прашање е дали и 2024 година ќе ја скроти инфлацијата.

     

    Што велат монетарната и извршната власт?

    Гувернерката на Народната банка на Македонија, Анита Ангеловска-Бежоска, во едно од последните интервјуа, дадено за Еуромани, вели дека инфлациските трендови се позитивни, но дека и покрај тоа централните банки треба будно да ги следат движењата бидејќи сѐ уште има неизвесност и ризици.

    Инфлацијата во регионот на Централна и Источна Европа, како и во земјава, се намали на едноцифрени стапки како резултат на водењето затегната монетарна политика од страна на централните банки и стабилизирање на светските цени на примарните производи. Исто така, инфлациските очекувања и натаму се релативно закотвени, како значаен фактор којшто влијае врз динамиката на инфлацијата. Во регионот на Централна и Источна Европа инфлацијата се сведе од 16 насто на 5 насто. Слична е ситуацијата и кај нас, каде што стапката на инфлација се намали на 3 насто, од највисокото ниво коешто достигна околу 20 насто“, посочува гувернерката Ангеловска-Бежоска.

    Таа истакнува дека последниот инфлациски шок не е од стандардна монетарна природа и дека многу фактори влијаеја, вклучително и нарушувањата во производството, трговијата, транспортот и цените на енергентите, коишто придонесоа за растот на инфлацијата. Сега се забележува стабилизација на овие фактори, што има позитивни ефекти врз инфлацијата.

    Министерот за финансии, Фатмир Бесими, е поголем оптимист од гувернерката и смета дека политиките на Владата даваат резултати преку „остар континуиран пад на инфлацијата од октомври наваму“.

    Дополнително, разликата којашто претходно постоеше меѓу стапката на инфлацијата во ЕУ и кај нас, поради структурните карактеристики на двете економии и поголемото учество на храната и енергентите во потрошувачката кај нас, сега е надмината. Нашите очекувања се дека инфлацијата во 2024 година ќе биде на ниво од околу 3 насто, а во 2025 година да се сведе на историските стапки од околу 2 насто“, вели Бесими во интервјуто за Дојче веле.

    И ВО 2023 БЕЗ ПРОМЕНИ: Новите фирми „типуваат“ на ХАЛК БАНКА

    Што ги мачи граѓаните и бизнисот?

    Високите цени и високите камати на кредитите. Според податоците од Државниот завод за статистика, просечниот раст на цените на храната и пијалаците во 2023 година, во споредба со 2022 година, изнесува 11,7 насто. Во јануари годинава, во споредба со истиот месец лани, веќе има ублажување на ценовниот раст на храната и тој изнесува само 1,9 насто. Храната, мебелот, покуќнината, одржувањето на домот и рестораните и хотелите бележат најголем скок на цените во 2023 година.

    Но, проблем се и високите камати на кредитите. Пондерираната каматна стапка на денарските кредити во 2023 година изнесуваше 5,3 насто, за разлика од 4,6 насто во 2022 година и 4,9 насто во 2021 година.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично