ПОВЕЌЕ

    Криза во Германија, проблеми во „Мода“ Свети Николе: Редуцирани нарачки – помалку вработени

    Време зa читање: 2 минути

    Од потреба за работна сила до намалување на бројот на вработените, се крајностите со кои минатата година се соочувале во „Мода“ од Свети Николе. Неповолните влијанија доаѓаат од случувањата во германската економија, каде што се извезува произведеното. Но, и покрај тоа, резултатите се позитивни.

    Во такви услови на компанијата и успеало да оствари добивка. Ниска, од 565.357 денари или над девет илјади евра. Сепак, значајна, особено ако се спореди со претходно забележаната загуба од 308 илјади евра.

    „Во текот на 2024 година АД МОДА оствари производни резултати кои се за 3% послаби од минатогодишните, истовремено девизниот прилив од остварениот извоз е за 13% подобар од минатогодишниот“, се вели во финансискиот извештај за 2024 година. Или, извезени се 705.179 конфекциски производи во вредност од 3,86 милиони евра. И, како што се посочува, тоа се темели на зголемените цени за 16,6 проценти.

    Редуцираните нарачки се одразиле во работењето – одработени се 482.080 ефективни работни часови. За 9,4 проценти по малку од претходната година. Но, продуктивноста изразена преку остварениот девизен прилив на еден работен час е осум евра и е за 24,6 насто подобра од минатогодишната. Всушност, се работело добро во првите три месеци од 2024, кога биле потребни и повеќе работници, по што уследил пад на побарувачката, предизвикан од влошената економска состојба во Германија. Во тој амбиент приходите од работење се зголемени за 13, а расходите за шест процент, од кои најголемиот дел се трошоци за вработените. Воедно, имало и инвестиции од над 56 илјади евра.

    Најголемиот ризик во работењето на друштвото е поврзан со германската фирма „Kasamoda“ и со негативните тенденции на тамошниот пазар, кои „многу се одразуваат на работењето на друштвото. Веќе има најава дека од март повторно ќе се намалат нарачките, од 3.500 на 3.000 парчиња дневно. Затоа, велат, од „Мода“ за периодот што следи, од големо значење е да се одржи производството со постојниот број вработени. Ако, пак, околностите ја наметнат потребата од намалување на работната сила, тогаш ќе се задржат најдобрите и помладите работници.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично