
Македонските граѓани и компании продолжуваат да ги полнат банкарските сметки, но истовремено и сè повеќе се задолжуваат. Најновите податоци на Народната банка покажуваат дека и депозитите и кредитите се во нагорна линија, при што особено впечатлив останува двоцифрениот раст на кредитната активност.
Во услови кога економијата се соочува со бројни домашни и меѓународни предизвици, банкарскиот сектор и натаму останува еден од најстабилните сегменти на економијата. Граѓаните продолжуваат да штедат, компаниите во мај повторно ги зголемија депозитите по априлското намалување, а кредитната активност и натаму бележи двоцифрени стапки на раст.
Притоа, кредитите растат значително побрзо од депозитите. Додека вкупните депозити во мај се повисоки за 8,6 проценти на годишно ниво, кредитите бележат раст од 13,4 проценти, што укажува на задржана побарувачка за финансирање и кај граѓаните и кај компаниите.
Според Народната банка, паричната маса во мај достигна 642,9 милијарди денари и е повисока за 8,6 проценти на годишно ниво, додека на месечна основа е забележан раст од 0,8 проценти. Зголемувањето најмногу произлегува од растот на готовите пари во оптек, депозитните пари и долгорочните депозити.
Вкупните депозити во мај достигнаа 661,8 милијарди денари, што претставува месечен раст од 0,8 проценти и годишен раст од 8,6 проценти. Зад овој раст стојат и граѓаните и компаниите, но поголем придонес има секторот домаќинства.

Депозитите на домаќинствата достигнаа 451,7 милијарди денари и се повисоки за 9,7 проценти во споредба со истиот месец лани. Интересно е што во мај тие практично останале непроменети на месечно ниво, по претходниот континуиран раст.
Компаниите, пак, по априлскиот пад повторно ги зголемија средствата во банките. Депозитите на корпоративниот сектор достигнаа 181 милијарда денари, што е раст од 2,5 проценти на месечно ниво и 5,8 проценти на годишна основа. Особено се зголемени депозитните пари и долгорочните депозити во денари, кои имаат најголем придонес во месечниот раст на депозитите на корпоративниот сектор.
Податоците покажуваат и дека денарот останува доминантен избор за штедење. Кај домаќинствата, депозитите во денари достигнаа 256 милијарди денари и се зголемени за 14,1 процент на годишно ниво, додека депозитите во странска валута пораснале за 4,4 проценти.
Додека депозитите растат стабилно, кредитната активност останува уште подинамична.
Вкупните кредити во мај достигнаа 582,7 милијарди денари, што е за 1,2 проценти повеќе во однос на април и за 13,4 проценти повеќе во споредба со мај минатата година. Тоа е значително побрзо темпо од растот на депозитите и сигнал дека побарувачката за финансирање останува силна и кај граѓаните и кај компаниите.
Особено силен е растот кај корпоративниот сектор. Кредитите на компаниите достигнаа 289,6 милијарди денари и се повисоки за 15 проценти на годишно ниво. Притоа, двигател на растот се кредитите во денари, кои се зголемени за дури 21,5 проценти.
Кредитирањето на домаќинствата исто така продолжува со стабилно темпо. Во мај кредитите на граѓаните достигнаа 290,6 милијарди денари, што претставува годишен раст од 12 проценти. Најголем дел од растот доаѓа од кредитите во денари, кои бележат годишен скок од 17,2 проценти.
Кога станува збор за намената на кредитите, станбените кредити остануваат најбрзорастечкиот сегмент.
Во мај тие достигнаа 116 милијарди денари и се зголемени за 16,3 проценти на годишно ниво. Истовремено, потрошувачките кредити достигнаа 148,5 милијарди денари и бележат раст од 11,2 проценти.
Автомобилските кредити, иако значително помали по обем, исто така растат и се повисоки за 8,4 проценти во однос на лани. Од друга страна, кредитите преку кредитни картички продолжуваат да се намалуваат и бележат годишен пад од 4,1 процент.
Податоците за мај покажуваат дека довербата во банкарскиот систем останува стабилна. Штедењето продолжува да расте, но уште побрзо расте кредитната активност. Особено се издвојува растот на корпоративните кредити, кои во мај се повисоки за 15 проценти во споредба со истиот месец лани, додека кредитите на домаќинствата бележат годишен раст од 12 проценти.
Аналитика








