Македонијатурист зад себе има едно од најуспешните полугодија во последните години. Компанијата ја зголеми добивката за дури 149 насто, а реализирала и силен инвестициски циклус.
Добивката пред оданочување достигнала 6,2 милиони евра, наспроти 2,5 милиони евра во истиот период лани. Уште поголем исчекор има кај оперативната добивка, која пораснала од нешто над 1 милион евра на 4,8 милиони евра.
Хотелско-угостителската компанија го заокружила шестмесечјето со нето-заработка од 5,7 милиони евра. Износот е речиси 143 насто повисок од од ланските 2,3 милиони евра.
Растот на профитот е проследен и со значително повисоки приходи. Вкупните приливи се на нивото од 10,2 милиони евра. Зголемени се за 88 насто споредено со првото полугодие од 2025 година.
Промената е засована на обезбедените хотелски и угостителски услуги. Притоа, оперативните приходи пораснале за 122 насто, на 8,7 милиони евра, а компанијата наведува дека приходите од основната дејност се зголемени за 37 насто, благодарение на поголемиот број ноќевања и проширениот обем на работа.
Паралелно со тоа, трошоците достигнале 4 милиони евра, односно за 36 насто се повисоки од лани. Најголем дел од растот е поврзан со тековното работење и инвестициите, додека финансиските приходи останале речиси непроменети и изнесуваат околу 1,46 милиони евра.
Во првата половина од годината компанијата инвестирала речиси 19,6 милиони евра, средства насочени кон реновирање и модернизација на хотелските и ресторанските капацитети, подобрување на условите за работа и усогласување со стандардите што ги бараат брендираните хотели.
Од Македонијатурист велат дека инвестициите краткорочно влијаеле врз обемот на работа во дел од објектите поради градежните активности, но очекуваат тие да донесат повисоки приходи во наредниот период.
Акционерите годинава не добија дивиденда. Добивката остварена во 2025 година е целосно задржана како реинвестирана добивка, со цел да се финансираат планираните инвестиции.
Паралелно со добрите финансиски резултати, Македонијатурист продолжува и со преструктурирање на своето портфолио и сопственичката структура. Во јуни годинава, по две блок-трансакции вредни 17,7 милиони евра, најголем акционер стана компанијата Поливерзум, која сега поседува 22,32 отсто од акциите, додека Промедика целосно излезе од сопственоста. Во меѓувреме, компанијата го презеде во управување хотелот Русија кој е дел од поширокиот спортско-рекреативен центар Јане Сандански, го продаде хотелот Бристол, а за продажба е и Арапска куќа, како и други објекти што ги поседува хотелско-угостителската компанија.
Аналитика








