Со нето-добивка од 19,6 милиони евра ја заокружи Стопанска банка Скопје првата половина од годинава. Заработката е за 31 отсто пониска во однос на истиот период лани, кога изнесуваше 28,3 милиони евра.
Намалениот профит е последица на пониските каматни приходи, намалените приходи од провизии и меѓународни трансакции, како и на отсуството на еднократните приходи од наплата на отпишани побарувања што беа евидентирани во првата половина од 2025 година – образложуваат од Банката и посочуваат: „добивката пред оданочување во анализираниот период изнесува 1.408.503 илјади денари и во однос на истиот период од минатата година е пониска за 30 %“.
И покрај послабиот профит, Стопанска банка продолжува да ја зголемува кредитната активност и депозитната база. Заклучно со 30 јуни, кредитната поддршка обезбедена на клиентите достигнува 1,8 милијарди евра, што е 5 насто повеќе на годишно ниво. Основата за оваа дејност се депозитите, кои се на прагот од 2 милијарди евра и бележат раст од 3 насто.
Во билансот на успехот се гледа дека падот на добивката е најмногу поврзан со намалувањето на приходите. Нето-приходите од камати изнесуваат 41,1 милион евра, што е 13 отсто помалку од лани, како резултат на трендот на намалување на каматните стапки и приспособувањето на условите кон пазарот. Вкупните приливи од каматите се во износ од 49,7 милиони евра, наспроти 55,6 милиони евра во истиот лански период.
Намалување од 7 отсто има и кај приходите од провизии и надоместоци, а инкасирани се 6 милиони евра, пред сè поради „пониските тарифи во платниот промет и картичното работење, како и поради повисоките трошоци што ги наплатуваат давателите на платежни услуги“.
Пониски (- 10 %) се и нето-приходите од курсни разлики, кои достигнале 1,5 милиони евра, што Банката го поврзува со помалите девизни маргини и намалената понуда на девизи од компаниите.
Особено се издвојува падот кај останатите приходи од дејноста, кои се намалиле од 7,7 милиони на 2,4 милиони евра, главно затоа што годинава нема еднократни приходи како во 2025 година.
Во меѓувреме, расходите благо се зголемиле. Трошоците за вработени изнесуваат 11,4 милиони евра, а останатите оперативни расходи 9,1 милион евра, што се објаснува со инфлаторните движења и растот на цените на услугите.
За покривање на кредитниот ризик, Банката издвоила нето-резервации од околу 6 милиони евра.
Од аспект на билансот на состојба, вкупната актива на Стопанска банка достигна речиси 2,6 милијарди евра, што претставува раст од 1 насто во однос на крајот на 2025 година.
Истовремено, вложувањата во хартии од вредност се намалени за 18 отсто, на 268 милиони евра, бидејќи дел од средствата биле пренасочени кон кредитирање на населението и компаниите.
Во извештајот Банката наведува дека очекува домашната економија да продолжи со умерен раст, но предупредува дека геополитичките ризици, нестабилните цени на енергенсите и неизвесноста на меѓународните пазари ќе останат главните фактори што ќе влијаат врз работењето и во наредниот период. Истовремено, најавува дека ќе продолжи со кредитна поддршка на економијата, развој на дигиталните услуги и одржување висока ликвидност и капитална адекватност.
М.А
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








