ПОВЕЌЕ

    Коридор 8: Владата удри камен-темелник, опозицијата вади докази за „стручноста“ на инспекторите

    Време зa читање: 3 минути

    Со поставување камен-темелник означен е стартот на изградбата на коридорот 8. Во присуство на целиот владин состав започнаа активностите чија финална реализација треба да биде современ автопат на релацијата Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан.

    За премиерот Димитар Ковачевски ова е нов економски и развоен импулс. „Денешниот чин, е почеток на сериозен стратешки и државнички подвиг, чија придобивка и благодат ќе ја гледаат сегашните и идните генерации на нашата земјата, но и на двете наши соседни земји кон исток и кон запад кои ги поврзува Коридор 8, и на сите кои ќе минуваат низ него“, рече премиерот, додавајќи дека со ова и со геостратешката позиција стануваме неизбежна транспортна рута во регионот и пошироко.

    Според Ковачевски, денес започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридорот 8, а камен-темелникот е само почеток на нова патна инфраструктура, туку е е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки.

    Тој потсети дека коридорите 8 и 10д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор, со вредност од 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри.

    Сепак, и покрај свечениот чин, остануваат отворени прашања. На пример, се уште нема конкретен проект, кој според изјавите на владините претставници, ќе се планира паралелно со изградбата. Исто така, Обвинителството за организиран криминал отвори предмет по сите обвинувања за изборот на фирма што ќе го врши надзорот.

    Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, денес пласираа нови сознанија.

    „Од експерти никогаш доста, дали се тоа во железница, или одредени инспекторати, односно се експерти во надзор од коридорите 8 и 10д од „Бехтел и Енка“. Ако се анализира документацијата од тендерот за Надзор и правен трансакциски советник за изградба на Коридор VIII и Коридор X-d, ќе се увиди дека недостасуваат податоци за дел од експертите. Односно недостасуваат потпишани договори на дел од тие експерти со економските оператори што го имаат добиено тендерот или нивни подизведувачи“, наведено е во соопштението. Притоа, како докази се посочуваат лица и документи за нивното образование. Се нагласува дека еден од инспекторите, чија месечна плата ќе биде во противвредност на 5.600 евра, е градежен техничар, кој образованието го завршил со успех доволен.

    Владата ништо не презеде по сите изнесени обвинувања, единствено премиерот во неколку наврати повика – сите што поседуваат докази, дa ги достават до надлежните институции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично