ПОВЕЌЕ

    Компаниите заплеткани во лавиринтот на административните процедури за поставување фотоволтаици

    Време зa читање: 5 минути

    Енергетската криза го зголеми интересот за поставување на фотоволтаици од страна на компаниите. Во услови на скапа струја и на неизвесност од цената на берзите, фотоволтаиците може да придонесат за обезбедување дел од потребната количина електрична енергија и да ги намалат трошоците на компаниите. Но и покрај тоа што инвестицијата е прифатлива за компаниите проблем е долгата административна процедура. Од компаниите кои веќе поставиле фотоволтаици велат дека целата процедура од изработка на проектот до реализација во најдобар случај трае од 5 до 6 месеци, но често знае да се одолговлечи и до една година.

    Компаниите кои сакаат да постават фотоволтаици на крововите за производство на електрична енергија треба да знаат дека треба да извадат решение од општината, под услов објектот да е запишан во Катастар, да е изваден имотен лист и да има проект за статика на покривната конструкција бидејќи се става дополнителна тежина на покривот. Ако документите не постојат, за нив треба да се спроведе постапка за легализирање на објектот, но и за изработка на проект за статика на изведена состојба итн. Да се направи проект за електрика на фотоволтаичната електрана, кој не одзема многу време, ниту пак е сложен процес. Сите овие документи се доставуваат до општината за добивање решение за поставување опрема на покрив.

    Пријава во „ЕВН дистрибуција“ за добивање точка на приклучок за произведената електрична енергија. Склучување договор со снабдувачот кој ќе го преземе вишокот произведена електрична енергија.

    Порталот Пари анализираше кои се најчестите проблеми при инсталирањето фотоволтаици со кои може да се соочи една компанија и кои се најчестите причини за застој во процесот?

    Сопственикот на една скопска компанија кој пред една година поставил фотоволтаична електрана на кровот на нивниот објект вели дека и покрај тоа што почетната инвестиција е голема, а процедурата е долга и сложена, сепак се исплати бидејќи сметката за струја им е пониска за 40 до 50 отсто.

    -Одамна знаев за бенефитите на фотоволтаиците, но пред седум години кога сакав да го направам тоа беше многу скапо. Кога поставувањето на фотоволтаици стана подостапно за компаниите веднаш се решив на таков чекор. Собрав понуди од повеќе компании кои инсталираат фотоволтаици и ја избрав најповолната според квалитетот и според цената. Компанијата која ја одбрав е докажана и веќе подолго време работи со поставување на фотоволтаици. За кровна површина од 150 метри квадратни потребни се вкупно 18 илјади евра, вели тој.

    Прво се изработува проектот од страна на изведувачот, односно на компанијата од која сте ја купиле фотоволтаичната електрана. Компанијата потоа проектот го доставува во општина, која треба да и даде одобрение за градба. Најчесто тука заглавуваат предметите. Целата процедура трае од 5 до 6 месеци во зависност од општината, но има и случаи кога од изработката на проектот до негова реализација може да помине и една година.

    Од компаниите велат дека е нелогично да се бара одобрение за градба за поставување на фотоволтаик на веќе изграден објект, односно на неговиот кров. За да се забрза целата процедура потребно е да се укине дозволата за градба ако фотоволтаичната електрана се поставува на веќе постоечки објект.

    Во зависност од поставеноста на фотоволтаикот просекот на производство на час е една третина од капацитетот. Така на пример ако вкупниот инсталиран капацитет е 30 киловати, просечно на час се добиваат по 10 киловати електрична енергија. Она што исто така треба да се знае дека производството на електрична енергија не е исто во лето и во зима. Во лето се произведува повеќе електрична енергија, а исто така и наутро и навечер производството е помало бидејќи има помалку сонце, вели нашиот соговорник.

    Поставувањето на фотоволтаична електрана, како што вели е апсолутно оправдана инвестиција бидејќи сметките за електрична енергија ни се пониски за 50 отсто. Рокот на враќање на почетната инвестиција е 5 години, но може да се врати многу побрзо доколку цената на струјата продолжи да расте или остане иста.

    На страна на компаниите стои фактот дека инвестирањето во изградба на фотоволтаици значи намалување на трошоците за енергија, но тоа не значи решавање на проблемот со високите цени на електрична енергија. Значајно е дека интересот за вложување во фотоволтаични електрани во следните години може да создаде вишок струја во одредени периоди од денот и од годината, што доведува до намалување на цената на струјата и до промена на планот за враќање на инвестицијата.

    Искористувањето на енергијата на сонцето за производство на електрична енергија е апсолутен приоритет на светот и иднината на одржливото живеење. Македонија и покрај тоа што е на светскиот врв по бројот на сончеви денови во годината, сепак има многу малку фотоволтаици. Компаниите се надеваат дека со поедноставување на процедурите за поставување на фотоволтаици ќе се реши овој проблем.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично