ПОВЕЌЕ

    Комерцијална банка урива рекорди – за три месеци добивка од 16,87 милиони евра!

    Време зa читање: 2 минути

    За 98,9 проценти е натфрлен износот на добивката во однос на остварените 8,48 милиони евра во истиот период од 2022 година

    За само три месеци Комерцијална банка од своето работење остварила позитивен финансиски резултатод од 16,87 милиони евра, односно 1.039,7 милиони денари. Што е за нецели сто проценти повеќе од добивката забележана во првиот минатогодишен квартал – 8,48 милиони евра или 522,6 милиони денари. Со ова постигнување, планираната бруто-добивка за тој период е остварена со 136,4 проценти.

    Тој износ е „набилдан“ преку солидните остварувања во сегментите од банкарското функционирање.

    Вкупните приходи се 40,6 насто повисоки и инесуваат 25,65 милиони евра (1.580,3 милиони денари). Во тие рамки, главен е уделот на нето-приходите што ги носат каматите, кај кои има раст од огромни 82,6 проценти споредено со истиот лански квартал.

    Од провизии и надоместоци се слеале 4,3 милиони евра (267,9 милиони денари) и во овој сегмент зголемувањето е за 6,8 насто. За 68,8 проценти се повисоки нето приходите произлезени од курсните разлики, со достигнато ниво од 1,56 милиони евра (96,7 милиони денари).

    Само кај ставката останати приходи има потфрлување. Се бележи износ од 1,08 милиони евра (66,6 милиони денари), што претставува намалување од 64,4 отсто.

    Во првото тримесечје оперативните расходи пораснале за 2,9 насто, при што се работи за сума од 7,87 милиони евра (485 милиони денари). Ова покажува дека Комерцијална банка води сметка за вработените – зголемени се платите и другите трошоци поврзани со нив.

    Нема позначителна промена кај вкупните депозити. Со зголемувањето од 0,4 насто, достигнат е износ од 2,1 милијарда евра (134.074,6 милиони денари).

    Кредитите и побарувањата од банки бележат раст од 209,7 проценти, што се базира на зголемените девизни депозити од три месеци до една година во долари. А, пак, кредитите и побарувањата од други комитенти се поголеми за 0,7 насто. Тоа, во добар дел е резултат од кредитирањето на населението, односно на секторот домаќинства, каде што движењата се по нагорна линија.

    На последниот ден од март, вкупната актива на Комерцијална банка била со износ од 2,48 милијарди евра (152.815,1 милион денари). Споредено со декември, зголемувањето е 1,2 проценти.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично