ПОВЕЌЕ

    Комерцијална банка: 45,5 милиони евра добивка, 2,7 милијарди евра – доверба

    Време зa читање: 3 минути

    Депозитна база од 2,75 милијарди евра, повеќе од 1,36 милијарди евра одобрени кредити и добивка од 45,5 милиони евра. Со вакви бројки го затвори првото полугодие најголемата и најуспешна домашна банка.

    Иако добивката во првото полугодие е за 5,5 отсто пониска од ланските 48,1 милион евра – рекордни за тој период од годината, Комерцијална банка ја надминала сопствената проекција исполнувајќи го планот со 110,9 проценти. И повторно испорача високи резултати – раст на кредитирањето, повисоки депозити и дополнително зајакнување на билансот.

    Најголемата поддршка на растот и натаму доаѓа од клиентите. Вкупните депозити се зголемени за 2,6 насто во однос на крајот од минатата година. Најголем придонес имаат зголемените заштеди на домаќинствата, како и депозитите на нерезидентите.

    Истовремено, расте и кредитирањето, но и вкупните пласмани на Банката. Кредитите кон граѓаните и компаниите се на нивото од 1,36 милијарди евра, за 3,4 насто повисоки споредено со крајот на минатата година. Освен тоа, кредитите и побарувањата од банки се зголемиле на 110 милиони евра, за 23,6 насто, главно како резултат на повисоките орочени депозити во странски валути. Збирот на кредитите и побарувањата е 1,47 милијарди евра.

    Во првата половина од годината, Комерцијална банка остварила вкупни приходи од 70,5 милиони евра. Каматите се клучниот двигател на работењето – донеле 57,2 милиони евра, при што најголем пораст има кај вложувањата во државни хартии од вредност, како и кај кредитирањето на населението и компаниите. Од нив е обезбеден нето-приливо од 49,7 милиони евра (+2,4 %).

    Поголеми ефекти има и кај провизиите и надоместоците, без оглед на намалените тарифи за платежните услуги. Во првото полугодие се инкасирани 10,7 милиони евра, за 6,6 насто повеќе од лани. Од курсните разлики во Банката се слеале 3,2 милиони евра, а останатите приходи се во износ од 6,6 милиони евра.

    Што се однесува до оперативните трошоци, тие нараснале на 20,4 милиони евра, најмногу поради повисоките трошоци за плати и за вработените, како и поради зголемената амортизација. Исправката на вредност на финансиските средства е намалена на 4,6 милиони евра.

    На крајот од јуни, вкупната актива достигнала 3,2 милијарди евра и е за 2,4 насто поголема од крајот на 2025 година. Позитивната промена е поттикната од зголемениот обем на кредитирање, од поголемите вложувања во државни хартии од вредност (+ 6,9 %) и од растот на пласманите кон банките, со што Комерцијална банка дополнително ја зацврстува позицијата на најголема банка во македонскиот банкарски сектор.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

     

     

     

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично