Во 18 компании од секторот „обложувалници и огранизатори на игри на среќа“, минатата година граѓаните оставиле 488,3 милиони евра. Тоа е значително повеќе од 2020 година кога во секторот влегле 366 милиони евра. Ова е и разбирливо, ако се земе предвид дека во 2020 година, поради пандемијата имаше карантини и забрани за одење во обложувалници и во затворен простор.
Ако се земе износот на ставени на коцка околу половина милијарда евра (ова не е конечен список на сите фирми од оваа дејност, но тука се речиси сите и најголемите), не може да се избегне впечатокот дека нашиот народ сака да си игра со среќата. Многу економисти и социјолози, во јавноста често истакнуваа дека „колку народот е посиромашен, толку е повеќе склон да игра игри на среќа“. Од вложените безмалку половина милијарди евра, некој и ќарил. Но обложувањата и коцката се такви што многумина ќе изгубат пари. Некои загуби се незначителни, всушност тоа се пари планирани за малку евтина социјална дружба, со тикет во рака во спортска обложувалница, како во некое кафуле на пијачка. Но, некои чинат многу – дотолку што упропастиле цели семејства.
Сепак, коцкањето постоело и ќе постои. Според она што може да се најде во литературата, првата слот машина е измислена од автомобилскиот механичар Чарлс Феј во 1895 година и тој ја инсталирал во својата автомеханичка работилницата во Сан Франциско. Клиентите можеле да играат додека се поправале нивните автомобили. Наскоро казината дознале за овој изум и почнале да користат слот машини.
Меми Стокер е запишана како прва личност која добила лиценца за отворање казино. Овој настан се случил во 1920 година, се разбира – во Лас Вегас.
„Пари“ направи анализа на нашите коцкарници – обложувалници и организатори на игри на среќа. Податоците од платформата БизнисМрежа.мк покажуваат дека нивните добивки се движат од 78.000 евра до 15,7 милиони евра.
Како што може да се види од податоците, компанијата каде најмногу се остваат пари на апаратите за игра на среќа „Про Бетинг“, односно која лани направила промет од дури 83,7 милиони евра, има „лабава“ добивка од само 78.000 евра. Тоа е вушност и најмалата добивка од страна на компаниите од оваа дејност кои ги анализиравме, направена лани.
Најголемата добивка е направена од страна на Државна видеолотарија на РСМ -КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје. Таму добивката е дури 15,7 милиони евра. Но, она што е особено интересно е дека оваа добивка е на промет од 67,4 милиони евра, што укажува на тоа дека секој четврти денар од прометот е за профитот на фирмата.
Најмалата по приход во ова друштво е „Спорт лајф гејминг“, дел од „Спорт лајф групацијата“ која има фирма за автомат-клубови за игри на среќа и за обложувалници – „Спорт лајф трејдинг“. Од автоматите за игри на среќа во „Спорт лајф гејминг“ лани се слеале 3,7 милиони евра, а тоа донело солидна добивка од 948.000 евра.
Кои се другите големи играчи во обој бизнис и какви добивки оствариле, погледајте во табелата:
Финансиски показатели за обложувалниците и организаторите на игри на среќа
|во евра|
Компанија | Приход 2021 | Добивка 2021 |
---|---|---|
ПРО-БЕТИНГ Скопје | 93,7 милиони | 78.000 |
СПОРТ - ЛАИФ ТРЕЈД | 82,8 милиони | 2,5 милиони |
Државна видеолотарија на РСМ -КАСИНОС АУСТРИА ДОО Скопје | 67,4 милиони | 15,7 милиони |
ДЕЛТА БЕТ ДОО Скопје | 44,2 милиони | 1,0 милион |
ЗЛАТНА КОПАЧКА -ЕДЕН ДОО Скопје | 36,2 милиони | 87.000 |
БЕТ ТУ МАР ДООЕЛ Скопје | 31,6 милиони | 351.000 |
МА ГАМИНГ ДООЕЛ Скопје | 21,3 милиони | - 720.000 |
СЕНАТОР МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје | 20,7 милиони | - 2,1 милиони |
ПРИНЦЕСС ХОТЕЛ И КАЗИНО ДОО Богородица Гевгелија | 17,7 милиони | 955.000 |
МАСТЕРБЕТ ДООЕЛ Скопје | 17,0 милиони | 166.000 |
МАКОТЕН -Гевгелија | 15,8 милиони | 564.000 |
КЛУБ СПОРТ 77 - Битола | 11,5 милиони | 460.000 |
АПЕКС МК ДОО- Скопје | 10,7 милиони | 4,3 милиони |
АД Државна лотарија на РСМ | 10,3 милиони | 5,8 милиони |
ТХЕ-СЛОТС ДОО Скопје | 8,7 милиони | 267.000 |
КАСИНОС АУСТРИА ИНТЕРНАТИОНАЛ МАКЕДОНИЈА ДОО Скопје | 4,5 милиони | 3,9 милиони |
СПОРТ ЛАЈФ ГЕЈМИНГ - Скопје | 3,7 милиони | 948.000 |
КАЗЗИНО МОЗЗАРТ ДОО СКОПЈЕ | 835.000 | - 60.000 |
Загубари:
Од податоците може да се видидека 3 големи играчи во сферата на игри на среќа оствариле загуба. Станува збор за „Сенанатор“ кој иако имал промет од 20,7 милиони евра имал загуба од 2,1 милион евра. Ма-гаминг имал уште поголем приход од 21,3 милиони евра и остварил загуба од 720.000 евра и „Казино Моззарт“ со проход од 835.000 евра остварил загуба од 60.000 евра.
Анализа во најава – втор дел продолжение: Какви плати даваат обложувалниците и организаторите на игри на среќа
Редакција Пари