ПОВЕЌЕ

    Камчев, Самсоненко и Панделевски купуваат запленет имот на ЗИК „Пелагонија“

    Време зa читање: 3 минути

    Македонскиот земјоделски комбинат ЗИК „Пелагонија“ од Битола преку Македонска берза објави дека ги продава друштвото „Скопско поле“ од Р’жаничино и комплексот „Александрија“ од Битола.

    Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ ад Битола продава и 2.803 акции, што претставуваат 1,38% од основната главнина на Друштвото. Номиналната вредност на една обична акција издадена од Комбинатот изнесува 70,2 евра.

    Со реализација на оваа продажба ќе се ослободи од имотот кој е запленет од Извршител Николина Иванова од Битола на барање на НЛБ БАНКА АД Скопје. Одлуките биле на дневен ред на Собранието на акционери од 8 јануари.

    Вкупната зделка за продажбата на двата имота изнесува 13,3 милиони евра.

    „Скопско поле“ од Р’жаничино го купува Друштвото за производство на мелнички пекарски и други производи и промет на мало и големо „Жито Полог“ АД – Тетово, за цена од 200.000.000 денари (3,3 милиони евра).

    Комплексот „Александрија“ во Битола го купуваат „Орка Холдинг“, друштво за градежништво ТИМ за вкупно 11 милиони евра што е под законскиот износ од 20% од сметководствената вредност на имотот на „Пелагонија“ определена врз основа на последните ревидирани финансиски извештаи на Друштвото за 2019 година. При тоа двете компании купуваат по половина од комплексот, односно ќе платат по 5,5 милиони евра, во денарска противвредност по средниот курс на НБРСМ .

    Номинална вредност на „Александрија“ е 216.043.000,00 денари од кои непаричниот влог изнесува 154.000,00 денари, а паричниот влог изнесува 215.889.100,00 денари.

    Комбинатот информира дека двајца членови на Одборот на директори се поврзани со фирмите кои го купуваат комплексот „Александрија“.

    Цветан Панделески кој е акционер, претседател и неизвршен член на Одборот на директори на „Пелагонија“ е роднински поврзан со Дејан Панделески и Снежана Георгиева кои се основачи и содружници на Друштвото за градежништво ТИМ ДОО Скопје кое е страна во зделката.

    Јордан Камчев кој е акционер и неизвршен член на Одборот на директори и акционер во „Пелагонија“ е сопственик на „Орка Холдинг“.

    ТИМ доо на синот на Пенделевски и градежната компанија „Софија градба“ која е сопственост на Камчев како и ЗИК „Пелагонија“ се акционери и во „Жито Полог“ каде што најголем акционер е Сергеј Самсоненко.

    Купувачите на понудените сопствени акции ги стекнуваат правата на иматели на обични акции и тоа право на глас во Собранието на Друштвото, право на исплата на дел од добивката (дивиденда) и право на исплата на дел од остатокот на ликвидационата, односно стечајната маса на Друштвото, согласно Законот за трговските друштва, Законот за хартии од вредност и Статутот на Друштвото, стои во член 8 од одлкуката за одобрување продажба (оттуѓување) на сопствени акции од основачката емисија.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично