
Прилепскиот Тутунски комбинат и првото полугодие од годинава го заокружи со добивка. Но, во однос на ланското остварување во истиот период, финансискиот резултат е послаб. Во билансот на успех компанијата запишала 14,9 милиони денари, што е речиси трипати помалку од претходните 46,1 милион денари.
Главната причина за ваквиот резултат е остриот пад забележан кај оперативните приходи. Тие се намалиле од 642,2 милиони денари на 125,4 милиони денари. Како причина се наведува нереализираната продажба, односно извоз на тутун, што традиционално носи најголем дел од приходите на компанијата.
Наспроти тоа, оперативните расходи се зголемиле и достигнале 1,46 милијарди денари (од 1,01 милијарда денари). Од Комбинатот посочуваат дека најголемиот раст се случил кај трошоците за суровини и други материјали, што е поврзано со зголемениот обем на откуп на тутун.
За разлика од оперативното работење, финансиските приходи ги следи благ раст, при што нивниот износ е 42,5 милиони денари, наспроти 41 милион денари една година претходно. Тие произлегуваат од вложувања, дивиденди, камати и курсни разлики. Истовремено, финансиските расходи се зголемиле на 27,3 милиони денари, главно поради повисоки каматни трошоци и негативни курсни разлики во работењето со неповрзани друштва.
И покрај послабите деловни показатели, компанијата оценува дека позитивниот резултат е поддржан и од подобрената соработка со кооперантите, што овозможило поголем обем на откупен тутун.
Од Тутунски комбинат очекуваат финансиската слика да се подобри во втората половина од годината. Во наредните квартали е планирана реализација на продажбата на откупениот тутун што, според менаџментот, треба да донесе повисоки приходи и да овозможи продолжување на позитивното работење.
Аналитика








