ПОВЕЌЕ

    Онлајн промоција на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните” и „За секоја буква приказна”   

    Време зa читање: 3 минути

    На 11 јуни (четврток), во 19 часот, ќе се одржи онлајн промоција на две книги за правоговор во издание на „Либи”, дел од „Арс Ламина – публикации”. Станува збор за реиздание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните” од авторите Владо Димовски и Јордан Јорданоски, кое 25 години по првата објава, деновиве излезе од печат во ново, освежено издание. На промоцијата ќе биде претставена и новата книга на Димовски, „За секоја буква приказна”.

    Промоцијата ќе се одвива на платформата „Зум” (Zoom), а ќе може да се проследи на „Фејсбук” преку профилот на „Литература.мк”. Покрај авторот Владо Димовски, на онлајн промоцијата ќе се вклучат Горан Петрушев, дипломиран дефектолог-логопед во ЈЗУ Заводот за рехабилитација на слух, говор и глас и Андријана Савевска-Љоровска, дефектолг, која работи како воспитувач во јавната установа за деца со социјални проблеми „25 Мај”.

    Првото издание на „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните”, на кое Димовски е ко-автор со сега починатиот Јордан Јорданоски, е објавено во 1995 година. Книгата и денес претставува еден од најупотребуваните практични прирачници во областа на артикулативно-говорна и јазична проблематика. По цели 25 години прирачникот излегува повторно од печат, преуредено и осовременето со нови илустрации, што одговараат за дадената (лексичка) положба на секоја од разработените фонеми.

    „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните” е практичен прирачник наменет за стручните работници во институциите што се занимаваат со артикулативно-говорна и јазична проблематика, за дефектолошките и филолошките образовни институции, за родителите чии деца имаат артикулативно-говорни тешкотии, за стручните работници од предучилишните воспитно-образовни установи, за работници што настапуваат професионално преку масовните медиуми, како и за секој љубопитен за оваа област.

    При систематизирањето на материјалот тргнато е од специфичностите што се јавуваат при изговорот на секоја фонема. Користени се индивидуалниот и споредбениот приод. Овде е граден системот за секоја фонема одделно и споредбено во зависност од тоа која со која фонема може да биде заменувана кај децата. Материјалот е синтетизиран до функционално применување во исказ, песничка и приказна (поддржувано и самостојно).

    Во „За секоја буква приказна” приказнарот напишал 31 приказна – за секоја буква од македонската азбука по една. Во секоја приказна има многу зборови што почнуваат на буквата за која ни раскажува приказнарот. Читајќи за авантурите на едно чудо необични јунаци, ние всушност учиме да ги препознаваме буквите и да ги изговараме правилно. Оваа сликовница може да се користи како дополнување (еден вид вежбанка) на книгата „Изградување на изговорот, говорот и јазикот кај децата и возрасните”, но и независно во фазата на описменување на децата.

    Книгите се достапни во книжарниците „Литература.мк” и онлајн преку www.literatura.mk

    (PR Текст)

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично