ПОВЕЌЕ

    ПИКОТ ФРЛЕН НА КАРПОШ – Издадени 387 градежни дозволи во февруари

    Време зa читање: 2 минути

    Од 387 одобренија за градба издадени во февруари, 123 се за Скопје, односно за регионот што го зафаќа главниот град. На удар е Општина Карпош, каде што, според дозволите, ќе има уште 65 нови градби, во изведба на 33 приватни и на 32 правни лица. Што е многу повеќе од сите планирани објекти во Југоисточниот (57) или Полошкиот (56) регион, на пример.

    И, ако сѐ што ќе се изгради на скопската територија е во вредност од над 74,4 милиони евра, тогаш најголемиот дел ќе биде вграден во Карпош. Предвидено е во новите зданија да се инвестираат повеќе од 56,2 милиони евра. Со што оваа општина ќе добие 537 нови станови со вкупна површина од 38.146 квадратни метри. Или, повеќе од половината предвидени за изградба станови, чиј број е 951 и треба да зафатат 78.892 квадрати.

    Според податоците на Државниот завод за статистика, издадените одобренија за градење на нивото на целата држава во февруари се за 9,9 проценти повеќе во однос на состојбата од пред една година.

    Сепак, предвидената вредност е пониска за 10,9 отсто и изнесува 8.819.983 илјади денари или 143,3 милиони евра. Најголемиот дел од 5.102.212 илјади денари (речиси 83 милиони евра) се планирани во високоградбата. Притоа, се работи за 171 издадена дозвола (44.2 %). Следуваат 119 одобренија (30,7%) за објекти од нискоградба и 97 (25,1%) за реконструкција. На 216 објекти (55,8%) како инвеститори се јавуваат физички, а на 171 (44,2%) – деловни субјекти.

    Зад Скопскиот, по бројот на дозволите – 57 е Југоисточниот (со вредност од 12,4 милиони евра), а според планираниот износ од 20 милиони евра – Вардарскиот, каде што се издадени 44 одобренија.

    Понатаму, во февруари за Полошкиот регион се одобрени 56 градби вредни 10,2 милиони евра, во Источниот 32 со предвидени 6,4 милиони евра, во Југозападниот 30 (7,1 милион евра), во Североисточниот 28 (7,3 милиони евра) и во Пелагонискиот 17 одбренија со планирана вредност од над 5,2 милиони евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично