ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | ЈАНОПУЛОС: ЕДС и во најголемата енергетска криза ги почитуваше фиксните цени од склучените договори

    Време зa читање: 14 минути

    „Се уште е многу рано за да се зборува за било каква стабилизација на цените на гасот и електричната енергија. Иако просекот во јануари беше 150 евра за мегават час за разлика од август кога просечната цена на електричната енергија изнесуваше 495 евра за мегават час, грејната сезона се уште трае, исто така и воените дејствија во Украина, вели во интервју за порталот Пари, Јанис Јанопуос, главен извршен директор на ЕДС АД (Енерџи деливери солушан), компанија која е лидер во снабдувањето со електрична енергија на пазарот за квалификуван потрошувач и членка на грчката групација PPC SA.

    Јанопулос посочува дека голем дел од договорите склучени во 2021 година биле активни и во 2022-ра и иако биле склучени по фиксни цени пониски од берзанските што им донело негативна позиција на приходната страна, ЕДС ги почитувала договорите.

    Во најголемата криза приватниот сектор ја зголемил дисципината за навремено подмирување на обврските, но долгот на јавните претпријатија е огромен, вели Јанопулос.

    Извршниот директор на ЕДС очекува напролет нивната PPC SA да го потпише договорот за ХЕЦ Чебрен, инвестиција што ќе обезбеди околу 1 TWh енергија годишно, повеќе балансирачка снага и енергија за нашиот електроенергетски систем, но исто така и огромен хидро акумулационен резервоар.

    Пари: Како ЕДС ја помина 2022-ра една турбулентна енергетска година каква што не паметиме, прескапа струја, многу трговци на електрична енергија се откажаа од бизнисот, но ЕДС продолжи и е лидер на пазарот. Годината помина, сега се сумираат резултатите, каква година беше 2022-ра за ЕДС?

    Јанопулос: Годината која измина беше без сомнение година на најголеми предизвици за сите компании во европскиот бизнис со енергија, па така и за ЕДС АД. Одлуката ЕДС АД уште од октомври 2021 година да почне да продава енергија по цени кои не се фиксирани туку се индексирани кон Унгарската берза се покажа како апсолутно исправна и тој пристап беше единствениот одржлив пристап за справување со кризата од аспект на бизнисот на еден трговец и снабдувач со електрична енергија. Сепак, ЕДС имаше договори склучени во текот на 2021 година кои по своето времетраење беа активни во поголемиот дел од 2022, а беа склучени по фиксни цени пониски од берзанските цени во 2022 година, и нормално тие договори оформија една негативна позиција на приходната страна на ЕДС која сепак беше умерена и контролирана. ЕДС како компанија со основачки капитал од 5,5 милиони евра немаше проблем да ја апсорбира оваа негативна позиција и со тоа трпеливо го подобруваше своето портфолио од договори со фиксни цени кои истекуваа, а датираа од пред кризниот период. Компаниите, клиенти на ЕДС, чии договори со фиксни цени завршуваа во текот на 2022 година, во екот на најголемата енергетска криза, покажаа дека знаат да го ценат гестот на ЕДС да истрае во почитувањето на склучените договори без истите да ги раскинува поради „изменети околности и услови на пазарот“.

    Пари: Каква е состојбата на пазарот со електрична енергија во моментов, колку е мегават час на берза, има ли доволно понуда, од каде најчесто ја набавувате електричната енергија?

    Јанопулос: Пазарната цена на електричната енергија во втората половина на јануари и првава седмица од февруари се чини дека е во линија на предвидувањата на Голдман Сакс банката објавени на почетокот на септември. Банката на основа на објавените податоци за состојбите на мандаторните резерви од природен гас во земјите членки на ЕУ предвиде дека гас има доволно за тековнава грејна сезона и предвиде дека цените на гасот по Божиќ ќе паднат на половина од нивото на кои беа на крајот на летото 2022 година. Просечната цена на природниот гас на регионалната берза за средна и источна Европа CEEGEX во последниведве седмици е на ниво од 60,42 евра за мегаватчас, што е за повеќе од три четвртини пониско од нивото на просечната цена од двете седмици кои му претходеа на извештајот на Голдман Сакс кога цената  во август/септември 2022 изнесуваше 252,75 евра за мегаватчас. Кај електричната енергија просечната цена во август 2022 беше 495 евра за мегаватачaс, додека просечната за јануари и првата седмица од февруари е на ниво од 150 евра за мегаватчас.

    Многу е рано сега да се збори за било каква стабилизација на цените на гасот и струјата. Просекот за јануари беше на ниво од 150 евра поради значително намалената потрошувачка во првата седмица од месецот како инерција од божиќните и новогодишните празници. Но, грејната сезона се уште трае, а за жал исто така и воените дејства во Украина се уште траат. Специфично за оваа криза беше тоа што цената на природниот гас се покачи во најголема мера заради (1) перцепцијата кај трговците дека ќе се случи голем проблем во снабдувањето со природен гас во Европа, а заради несогласувањето помеѓу европските енергетски и инфраструктурни регулатори и Газпром, и (2) заради стратешкото поместување на децениските вообичаени патишта за снабдување со енергенси на европскиот континент – руските гас и нафта беа заменети со карбон-хидрати од преку Атлантикот по повисоки цени. Според тоа одговорот на прашањето за иднината на цените во Европа гравитира околу одржливоста на сегашните рути за снабдување со енергенси во Европа.

    Што се однесува до достапноста на енергенсите, тие се достапни. На сите берзи за електрична енергија и природен гас во Европа, овие два енергенси ликвидно се тргуваат и единствената разлика е големото покачување на нивните цени. ЕДС своите потреби од електрична енергија ги набавува генерално од три фокални извори како што се Унгарската берза HUPX, енергија од нашата мајка фирма PPC од Грција – се разбира по пазарни цени, како и од домашни извори на обновлива енергија (ЕДС има околу 60 договори со поголеми и помали производители на обновлива енергија во границите на С Македонија). На овој начин ЕДС одржува добро избалансирано и диверзифицирано портфолио на набавната страна со што обезбедува максимална сигурност во снабдувањето на нашето домашно потрошувачко портфолио.

    Пари: На пазарот постоите 10г. лидер сте во снабдувањето со електрична енергија на пазарот за квалификуван потрошувач. Колку мегават часови имате продадени во овие 10г. и  како се менуваше цената на електричната енергија, односно колку беше исплатлив овој бизнис во минатото, колку е сега?

    Јанопулос: ЕДС АД има комплексно продажно портфолио. На македонскиот пазар сме најпознати како голем снабдувач на потрошувачите на електрична енергија на мало. Но покрај снабдувањето на малопродажниот пазар ЕДС е многу активна и во трговијата со електрична енергија. Трговијата како дисциплина на пазарите на струја опфаќаат купување и препродажба на енергија на големопродажниот пазар – за крајна потрошувачка (на потрошувачи како што се ФЕНИ, Југохром, Цементарница, Бучим, Макстил итн…), но исто така и тргување со финансиски производи на берзите во регионот. Според тоа, ако зборуваме за количини продадени на малопродажниот пазар во С Македонија волуменот се движи околу половина од едногодишна потрошувачка на Македонскиот конзум, додека во контекст на нашата вкупна трговска активност, бројките би се приближиле до 20 TWh, односно тоа би било околу две и пол годишни потрошувачки во С Македонија, поготово што нашите трговски активности значително се зголемија откако станавме дел од групацијата на PPC SA.

    Бизнисот со трговија на берзански производи, без разлика дали се работи за енергија, метали или хартии од вредност, по дефиниција е бизнис на идентификација, антиципирање и справување со ризици. И во таа смисла не може да се зборува за голема профитабилност доколку бизнис моделот е ориентиран кон обезбедување одржливост и континуитет. За да остварите екстремни профити треба да шпекулирате на берзите и истовремено да се изложите на ризик од банкрот бидејќи шансите за двата резултата се симетрични. Но имајќи ги предвид обврските кон нашите клиенти, систем операторот, нашите вработени и се разбира кон нашиот акционер, ЕДС не презема шпекулативни зделки кои можат целата балансна група да ја турнат во ризик. ЕДС посветено работи на одржлив развој и ширење на бизнис сферата во енергетскиот сектор со одмерени и сигурни чекори.

    Помнам дека од либерализацијата на малопродажниот пазар во С Македонија, што се случи на 1 април 2014 година, цените во првiте три години континуирано опаѓаа од ниво на 100 евра до ниво на 60-тина евра за мегаватчас, за да во јануари 2017 нагло скокнат на 300 евра во текот на само неколку седмици, со што започна долгиот период на берзанска волатилност предизвикана од серија на сосем различни причини и случувања како локално во европската енергетика, така и глобални политички случувања кои имаа финален ефект врз цените на нафтата и природниот гас глобално.

    Сепак, без разлика на флуктуацијата на цените на енергенсите, за да опстанете во овој бизнис, од витално значење е да имате моќ да се адаптирате кон промените на берзите, но и да ги следите потребите на вашите клиенти и во рамки на можното да се адаптирате и кон нив. Тоа значи дека ви е потребна двострана еластичност која ја постигнувате единствено со креативност на менаџментот и на вашите вработени, поддршка од вашите акционери и принципиелност со која ја демонстрирате сериозноста кон пазарот.

    Пари: Со електрична енергија снабдувате 578 правни субјекти од нив 264 се јавни претпријатија и институции, 314 приватни фирми. Како се справуате со наплатата особено кај  јавните претпријатија? Колку ви должат?

    Јанопулос: За жал се соочуваме со изразена недисциплина од некои од јавните институции кои набавуваат електрична енергија од нашата фирма. Не можам да кажам дека е тоа генерален однос на јавните претпријатија бидејќи повеќето од нив воодушевувачки домаќински работат и заслужуваат извесна флексибилност од страна на ЕДС – и ние разбираме дека ваква беља не се случува секоја година на енергетските пазари. Долгот од страна на јавните претпријатија кон ЕДС е огромен и е сконцентриран во само неколку од нив.

    Од друга страна, мора искрено да се каже дека приватниот сектор во услови на најголема енергетско – финансиска криза досега, ја подигна дисциплината за подмирување на обврските кон ЕДС (и претпоставувам кон останатите снабдувачи). Оваа состојба е нормално предизвикана од перцепираниот ризик од страна на приватниот сектор дека договорите со одлични цени обезбедени во претходните години можат да бидат раскинати од снабдувачите при хронично задоцнето плаќање на обврските и тие потрошувачи да бидат изложени, по сопствена вина, на новите скапи цени пред да истече претходниот договор со стари и многу пониски цени.

    Пари: Имате над 30% учество на пазарот откако многу трговци се повлекоа од бизнисот. Каква е сега ситуацијата и што им нудите на потрошувачите за да ве изберат вас за снабдувач?

    Јанопулос: Како што кажав претходно, почнувајќи од октомври 2021 година, ЕДС исклучиво нуди индексирани цени на пазарот што значи цени кои ја следат берзанската цена на HUPX берзата за електрична енергија. Производите се неколку и различни во смисла што водиме сметка дали потрошувачот генерално троши енергија само во дневните часови или се работи за потрошувач кој троши енергија и во дневните и во ноќните часови. Производите се дефинирани на начин да му обезбедат на потрошувачот минимизација на неговите трошоци во однос на профилот на неговата потрошувачка споредена со профилот на часовните цени на берзата.

    Исто така, нудиме производи кои можат да ја ограничат маржата во апсолутни вредности или да ја ограничат маржата во релативни вредности, зависно од личната перцепција на клиентот за тоа дали очекува цената на пазарот да расте или да опаѓа во договорениот период на снабдување.

    Се обидуваме да одговориме на загриженоста која ја гледаме кај клиентите со производи кои содржат механизми за нивен комфор.

    Пари: До каде е потпишувањето на договорот за Чебрен со PPC SE чија членка е ЕДС. И кои  се плановите за Чебрен, до каде е целиот процес?

    Јанопулос: Очекуваме концесијата за изградба и оперирање на ХЕЦ Чебрен на Црна Река да биде доделена оваа пролет.

    Инвестицијата во Чебрен би била повеќенаменска за државата. Не само што ќе се обезбедат околу 1 TWh енергија годишно, овој енергетски објект ќе обезбеди и повеќе домашно производство на електрична енергија, повеќе балансирачка снага и енергија за нашиот електроенергетски систем, но исто така и огромен хидро акумулационен резервоар со што подобро ќе се стопанисува со водата како стратешки ресурс кој во Тиквешкиот регион се користи и за производство на електрична енергија, но и за наводнување на Тиквешијата како и за индустриските потреби на Еуроникел.

    Пари: Кој е вашиот коментар што 89% сега од потребите за електрична енергија се задоволуваат од домашно производство, досега бевме навикнати да се движи до 70%. И дали знаете колку точно чини мегават од домашно производство со оглед на поскапените ресурси?

    Јанопулос: Најпрво морам да истакнам дека тешко е да се зборува за проценти додека не видиме дефинитивни извештаи за месец јануари и февруари 2023 во кои извештаи потрошувачката на регулираниот пазар би била раздвоена од потрошувачката на либерализираниот пазар. Ова се публикува еднаш годишно од страна на регулаторната Комисија за енергетика и водни услуги. Доколку оваа наведена бројка од 89% се однесува на некој период од 2023 година, не значи дека може истата да се проектира за целата година. Треба да се почека завршниот годишен извештај на Регулаторната Комисија за енергетика.

    Сепак, во однос на тоа како бил проектиран македонскиот електроенергетски систем кога е граден, ЕСМ би требало да произведува околу 6 TWh електрична енергија годишно при просечна хидрологија. Но, мора да се биде реален, сите термо единици во РЕК Битола, РЕК Осломеј и ТЕЦ Неготино се повеќе пати ревитализирани, што значи дека проектираниот век им е изминат. Освен за ТЕЦ Неготино за која централа мазутот на медитеранскиот пазар е со истите карактеристики за каков што е проектиран системот бојлери и горилници, квалитетот и количините на лигнит кои се експлоатираат во рудниците Суводол и Брод-Гнеотино се со веќе послаб квалитет и пониска калорична вредност од лигнитот кој се експлоатирал пред десетина години. Фактот што подинските серии во Суводол се со изменета геолошка форма и геометрија кажува дека е потребна и различна технологија за производство на лигнит, но прашање е колку ова се исплати за рудник кој во секој случај е при крај на својот експлоатационен период и кога термо блоковите во термоцентралата се со таква старост што ниту еден од нив не може во континуитет да работи подолго од 7 дена без помала хаварија.

    За ваквиот перформанс на ЕСМ би рекол дека има повеќе објективни причини. Во однос на тоа колку чини производната цена за еден мегаватчас од ЕСМ, одговорот би бил интересен. Прво, ЕСМ одамна не публикува ревидирани финансиски извештаи – барем не на својата веб страна. Од годишниот извештај за 2020 година, не ревидиран, може да се пресмета дека цената за произведен мегаватчас била не цели 59 евра/мегаватчас. Треба да се напомене дека во текот на 2020 година производството во РЕК Битола беше значително намалено поради неколку поплави во рудникот. Доколку заради овие поплави оперативните трошоци биле инцидентно зголемени тогаш можеби оваа цена од 59 евра и не е репрезентативна, но таа е единствената која може да се пресмета. Би било добро доколку ЕСМ почне да публикува потранспарентни извештаи.

    Во втората длабинска анализа која владиниот консултант за реструктурирање и приватизација ја изготви во 2004 година, просечната производна цена за 3-годишен период беше пресметана на 34 евра за мегаватчас. Затоа е добро ЕСМ да објавува редовни ревидирани извештаи затоа што еден годишен извештај не е доволен за комплексен систем како што е тој на ЕСМ – со рудници, термоцентрали, хидроцентрали со брани во сеизмички активно подрачје итн… заклучокот одново може да покаже повеќе објективни отколку субјективни причини за изменетата структура на трошоци и состојбата на централите да произведуваат поголеми количини енергија.

    ЕСМ досега требаше да има акумулиран капитал за нови инвестиции во производни постројки кои би биле решение на енергетската криза во С Македонија. Тука не мислам на извори кои користат обновливи технологии туку на извори на базна енергија – капацитети кои би работеле повеќе од 5500 часови во текот на годината и би имале меѓу 600 и 800 MW инсталиран капацитет со некои од производните единици да бидат со маневрабилост од најмалку 30% до 60% со што би се обезбедил дополнителен балансирачки капацитет и енергија. Тоа ЕСМ во овој момент не може да го изведе бидејќи „социјалните политики“ на сите досегашни влади не успеаја на ЕСМ да му овозможат да ја гарантира сигурноста на снабдувањето со електрична енергија во иднина. За нови инвестиции, без разлика дали би биле проектирани со технологија за увозен јаглен или за природен гас, државата ќе мора да се задолжува затоа што ЕСМ во минатото не заработуваше, туку едноставно постоеше.

    новинар:

    Сања Момировска

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично