ПОВЕЌЕ

    Македонија со најголема реализација на препораките за економски реформи од ЕУ за земјите од Западен Балкан

    Време зa читање: 3 минути

    Нашата земја годинава има најдобри резултати во регионот во однос на препораките на Европска комисија од Програмата за економски реформи, за периодот од мај 2019 година до јануари 2020 година, кои се однесуваат на реформски мерки за јакнење на финансиската стабилност и креирање на работни места. Исто така, Европската комисија позитивно ги оцени и мерките за справување со корона-кризата. Денеска на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу Европската Унија и Западен Балкан и Турција, којшто се одржуваше онлајн, учествуваа гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии, Нина Ангеловска.

    Последниве три години, нашата земја е меѓу првите земји во регионот во спроведувањето на економски мерки согласно препораките дадени од Европската комисија во рамки на Економскиот и финансиски дијалог.

    Народната банка е директно вклучена во спроведувањето на неколку од минатогодишните препораки од Програмата за економски реформи, кои доминантно се насочени кон натамошно зајакнување на финансиската стабилност. Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска посочува дека оцената на институциите на ЕУ за спроведувањето на овие препораки укажува на значително ниво на имплементација и е една од двете највисоки меѓу оцените за имплементацијата на шесте групи препораки, со што директно придонесува за вкупниот резултат на нашата земја. Остварувањата во однос на овие препораки, како што е истакнато, ја одразуваат посветеноста на Народната банка за целосно заокружување на реформите.

    Во рамки на Економскиот и финансиски дијалог, јасно беше посочено на успешното остварување на монетарните цели и на просторот којшто Народната банка постојано го гради, а којшто ѝ овозможи и брза реакција за ублажување на ефектите од корона-кризата.

    Ангеловска-Бежоска истакна дека препораките во рамките на дијалогот со ЕУ имаат значајна улога во зајакнувањето на економските фундаменти и дека Народната банка ќе продолжи посветено да работи на спроведување на препораките од Програмата за економски реформи за наредниот период, коишто овозможуваат побрзо усогласување со европските стандарди.

    Министерската за финансии, Ангеловска, која го координира процесот на подготовка на економските мерки во Програмата, посочи дека има релативно добар напредок во мерките. Кај некои спроведувањето е на повисок степен, некои се подолгорочни мерки и треба подолго време да се спроведат. Добра реализација има во реформите во поглед на социјалната заштита, како и спроведувањето на мерката за младинска гаранција. Исто така, се преземаат напори за справување со најгорливиот проблем, сивата економија, за која Министерството за финансии изготви акциски план.

    На Економскиот и финансиски дијалог стана збор за спровувањето со корона-кризата и се разменија искуства за краткорочните мерки кои се спроведуваат за справување на последиците, како и за среднорочните мерки насочени кон опоравување. Министерката за финансии посочи дека досега земјава има донесено три сета на мерки – два за премостување на кризата насочени кон даночни ослободувања, финансиска поддршка за зачувување на работни места, ликвидносни инјекции и регулаторни мерки и третиот насочен кон поддршка на потрошувачката и на стопанството преку низа мерки.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично