ПОВЕЌЕ

    ИМА ОГЛАСИ НЕМА КАНДИДАТИ: Потрага по хигиеничари и општи работници

    Време зa читање: 3 минути

    Има повеќе од сто илјади невработени, а го нема потребниот кадар. Ова е состојбата на домашниот пазар на трудот, каде што во основата на проблемите се (не)стручноста и масовното иселување на работната сила.

    Во моментот најбарани се хигиеничарите на производствени – работни простории и општите работници. За овие две занимања има најголем број слободни места, според податоците на Агенцијата за вработување – 465, односно 433. Во топ 10 најдефицитарни програмерите паднаа на деветтото место. За нив има 114 отворени позиции.

    Засега, на цена се продавачите. Се бараат 300. Следуваат келнерите (262), возачите на камион (198), хигиеничарите на станбен и деловен простор (169), контролорите за квалитет на производство (160), обезбедувачите (144), магационерите (113).

    Слободни места има и за оператори во кол-центри – 106, за касиери 99. Во АВРМ е забележана потребата од 93 градежни работници и 88 таксисти. Звучи неверојатно со оглед на општата перцепција за гломазноста на администрацијата, но и таму недостасуваат 79 службеници.

    Исто така, во земјава нема доволно шивачи, бравари, готвачи, тесари, работници на нискоградба… Во секојдневните разговори тоа се нарекува – отишле на подобро.

    Можностите за наоѓање работен ангажман се најголеми во главиот град. На официјалниот список од Агенцијата за вработување може да се види дека во Скопје има 4.144 слободни позиции. Тетово е второрангиран град со 559 непополнети работни места, а понатаму се Куманово со 374, Охрид со 222, Битола со 158, Штип со 131, Прилеп – 124, Виница 112… Ресен, пак, е единствениот град каде што работни места на лагер – нема.

    Во понудата доминираат административните и помошните услужни дејности, каде што се работи за 1.109 празни „столчиња“, па трговијата на големо и трговија на мало со 1.050, преработувачката индустрија со 928, објектите за сместување и сервисни дејности со храна – 867, градежништвото со 622 непополнети позиции. Тие што бараат работа можат да ја најдат во транспорт и складирање (457), стручни, научни и технички дејности (181), информации и комуникации (176), финансиски дејност и дејности на осигурување (119), образование (76)…

    Информацијата од АВРМ е дека во државата има 6.318 слободни работни места.

    Што се однесува до невработеноста, заклучно со октомври бројката е 103.147, а според полот без ангажман се 49.942 машки и 53.205 женски лица. Во графата „други лица кои бараат работа“ се нотирани 44.467 (21.493 мажи и 22.974 жени).

    Од аспект на образовното ниво, најмногу баратели на работа – 61.620 се или без или со завршено основно училиште. Меѓу нив 28.583 се мажи,    33.037 се жени. Голема е и групата лица со завршено средно училиште 24.778 (мажи 12.548, жени 12.230).

    Работа нема и за 6.587 факултетски образувани граѓани, за 552 магистри и за 13 доктори на науки.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично