ПОВЕЌЕ

    И со намалени акцизи – дизелот скокна на 94 денари, бензините поскапи за 3 денари

    Време зa читање: 2 минути

    Од утрово на бензинските гориво се точи по повисоки цени. Дизелот е поскап за шест денари и се продава по 94 денари за литар. Бензините Еуросупер БС-95 и Еуросупер БС-98 се поскапи за по три денари, па нивните нови цени изнесуваат 90, односно 92 денари за литар.

    И екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) има цена повисока за седум денари – 93 денари за литар, додека новата цена на мазутот М-1 НС е 45,373 денари за килограм, зголемена е за 3,205 денари.

    Од РКЕ објаснуваат дека растот на цените е последица на поскапувањето на нафтените деривати на светските пазари. Во однос на претходната пресметка, референтните цени се повисоки за 9,003 проценти кај бензините, 14,963 проценти кај дизелот, 13,2 проценти кај екстра лесното масло и 10,686 проценти кај мазутот.

    Во пресметката е вградена и владината одлука за намалување на акцизите. Акцизата за бензините е намалена за еден денар по литар, а за дизелот за два денари по литар, со цел да се ублажи ударот од растот на цените на светските пазари.

    Од Владата сметаат дека без оваа интервенција поскапувањето ќе било уште поголемо.

    „Без оваа владина интервенција, согласно пресметките на Владата, малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу четири денари по литар, додека со мерката се очекува зголемување од околу три денари по литар. Кај дизел-горивото, без донесената одлука цената би се зголемила за околу осум денари по литар, додека со намалената акциза се очекува покачување од околу шест денари по литар“, соопштија вчера од Владата.

    Од РКЕ потсетуваат дека утврдените цени се максимални, што значи дека трговците на големо и мало можат да продаваат гориво и по пониски цени.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично