Предлог за составот на Надзорниот одбор на „Македонијатурист“ достави и „Чезакомерц“, како сопственик на 28.158 акции. Тоа претставува 6,23 проценти од вкупно издадените акции.
Компанијата на Симеон Павлов, која се занимава со трговија на прехранбени производи, пред неколку месеци првпат се појави како акционер во „Македонијатурист“. И сега, како сериозен партиципиент во сопственичката структура, ја предложи листата со имиња на четворица кандидати.
„Овој предлог е изготвен врз основа на нивното долгогодишно искуство и значајниот придонес во работењето на повеќе успешни правни субјекти“, нагласуваат од „Чеза комерц“. За шестгодишиот мандат во високиот орган на управување се предложени:
Олга Павлова, менаџер за набавка во „Чезакомерц“. Додипломските студии по Интернационална економија и менаџмент ги завршила во Италија, на Универзитет Бокони во Милано. Постдипломските по менаџмент во Швајцарија, НЕС Лозана.
Наумче Стојчевски е менаџер за осигурување имот и транспорт во „Еуролинк осигурување“. Има диплома од Факултетот за земјоделски науки и храна.
Гордана Тодорова е инженер технолог, со завршен Технолошко металуршки факултет, прехранбено биотехнолошко инженерство.
Горан Марковски, кој се предлага за независен член, е главен извршен директор на КБ Инвест. Магистер е по економски науки. Освен на Економскиот факултет при УКИМ, се образувал и на американскиот CFA Institute Charlottesville Virginia и е овластен финансиски аналитичар.
Пари во континуитет ги следи случувањата во и околу хотелско-угостителската компанија. Потребата од свикување вонредно Собрание произлезе откако неколкумесечната битка за акција повеќе резултираше со целосна промена во акционерската структура на „Македонијатурист“. По повеќе децении присуство и доминација, од компанијата се повлече Доне Таневски, кој во замена за акциите инкасираше дваесеттина милиони евра. Па, од најголем, стана мал акционер со 3,81 процент.
Моменталната состојба меѓу големите сопственици е -19,76 проценти од основниот капитал се сопственост на „Скопски пазар“, 11,9 отсто на „Промедика“, 11,26 на „М.Г. Фешн“ и споменатите 6,23 проценти на „Чезакомерц“.
И, од сите страни има предлог-листи. „М.Г. Фешн“, „Промедика“ и „Чезакомерц“ настапуваат со по четворица кандидати. За разлика од нив, најголемиот акционер оди со еден, со Марјан Ѓорчев, поранешен пратеник во парламентот и амбасадор од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Се предлага за секој од предложените да се гласа поединечно. Каков ќе биде исходот, ќе се знае по гласањето на 17 февруари.
„СКОПСКИ ПАЗАР“ ИМА САМО ЕДЕН ПРЕДЛОГ – Марјан Ѓорчев за Надзорниот одбор на „Македонијатурист“