Македонската железница влегува во нова фаза на реформи и инвестиции, со поддршка од Светска банка, откако денеска беше потпишан грант-договор во вредност од еден милион евра, наменет за реструктурирање на железничкиот систем и подобрување на функционалноста на МЖ Транспорт. На документот стојат потписите на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски и на директорката на Светска банка за Македонија, Керол Межеван.
Државата спроведува длабока трансформација на железничкиот сектор кој, како што рече Николоски, претходно бил во сериозни проблеми.
„Имаме јасна визија за комплетна промена на железничкиот сообраќај. Ако наследивме претпријатија на раб на пропаст и пред банкрот, сега имаме карго сообраќај кој бележи сериозен раст, имаме раст на број на патници, имаме крупни инвестиции во изградба на нови пруги, водиме политика на развој на Железницата како срцевина на економијата“, изјави Николоски.
Договорот со Светска банка, според него, е почеток на суштинска реформа во МЖ Транспорт.
„Tокму овој проект којшто го започнуваме денеска со потпишување на овој грант од страна на Светска банка, за што сакам да се заблагодарам, е почеток на реализација на овој проект кој што ќе значи една темелна и суштинска реформа“, рече тој.
Николоски додаде дека паралелно се работи и на модернизација на возниот парк и набавка на нови возила.
„Паралелно ќе одиме и со набавка на возови, да се обнови флотата, нешто што е особено значајно. Веќе потпишавме договор за набавка на електрични локомотиви. Треба да се купат најмалку пет електрични локомотиви“, изјави Николоски.
Тој информираше дека се работи и на инфраструктурни проекти, меѓу кои и градскиот воз:
„Во финална фаза е изградбата на првата линија од Градски воз, а очекувам оваа година да се распише и тендерот за втората и третата линија, кои би требало да бидат завршени до крајот на 2027 година или првата половина на 2028 година“.
Во однос на регионалните железнички коридори, тој посочи дека државата продолжува со инвестиции во Коридорот 8 и поврзувањето со Бугарија.
„Првата делница од пругата кон Бугарија беше готова минатиот јануари и заеднички ја ставивме во функција. На втората активно се работи… а очекуваме наскоро да биде објавен и тендерот за изградба на третата фаза“, додаде тој.
Николоски нагласи дека паралелно се работи и на западното крило на Коридорот 8, како и на подготовка на брзата пруга на Коридорот 10:
„Ако на тоа се додаде и брзата пруга на Коридорот 10, тогаш е јасно дека имаме една визија за целосна трансформација на Железницата“.
Воедно, тој изрази благодарност до Светска банка за поддршката и грант средствата, нагласувајќи дека тие се важен дел од процесот на модернизација на железничкиот систем во земјата.
Аналитика








