ПОВЕЌЕ

    ГОРИВАТА ЕКСПЛОДИРАА НИЗ ЕУ: Германија и Холандија меѓу најпогодените

    Време зa читање: 2 минути

    Нафтениот пазар во Европа влезе во турбулентна фаза каква што одамна не е видена. Војната со Иран и нарушувањата околу Ормускиот теснец предизвикаа силен притисок врз енергетските пазари, а цените на горивата во ЕУ во март нагло скокнаа, по неколкумесечен тренд на намалување.

    Според податоците на Евростат цените на горивата и автомобилските масла во Европската Унија пораснале за 12,9 проценти во март во споредба со истиот месец лани. Особено силен удар има кај дизелот, каде растот на годишно ниво достигнал 19,8 проценти, додека бензинот поскапел за 9,4 проценти.

    Најголем раст на цените е регистриран во Германија, каде поскапувањето достигнало 19,8 проценти, веднаш зад неа се Романија со 19,6 проценти, Холандија со 18,8, Латвија со 18,5 и Австрија со 17,2 проценти. Исклучок се Унгарија и Словенија, каде е регистриран пад во споредба со март 2025 година.

    Особено драматичен е скокот на дизелот. Во Чешка и Шведска цените се зголемиле за 27,6 проценти, во Естонија за 26,8, а во Белгија и Холандија над 25 проценти. Кај бензинот растот е поумерен, но и таму има силни поместувања, со Белгија, Шведска и Австрија меѓу најпогодените.

    Аналитичарите предупредуваат дека ова можеби е само прв бран. Пазарите остануваат нервозни, а цената на Брент нафтата повторно се движи околу 100 долари за барел, по новите тензии и нападите врз танкери во Ормускиот теснец.

    Покрај ударот врз возачите, расте и загриженоста за воздушниот сообраќај. Во Европа веќе се разгледуваат сценарија за недостиг на авионско гориво, а дел од властите предупредуваат дека доколку кризата потрае, можни се дополнителни притисоци врз летовите и цените на билетите.

    Иако дипломатски разговори меѓу САД и Иран се најавуваат, пазарите засега реагираат повеќе на ризикот отколку на надежта. Во такви услови, цените на бензинските пумпи во Европа стануваат првиот индикатор колку геополитиката директно удира врз секојдневниот живот.

    Ако конфликтот се продлабочи и транспортот низ Ормутскиот теснец остане ограничен, експертите не исклучуваат нов бран поскапувања, не само кај горивата, туку и пошироко, преку транспортот, инфлацијата и синџирите на снабдување.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично