ПОВЕЌЕ

    Германскиот деловен свет оваа година очекува историски економски пад

    Време зa читање: 2 минути

    Кризата предизвикана од коронавирусот е најголемиот предизвик за германските компании од Втората светска војна, многу компании се соочуваат со проблемот на ликвидност

    Д-р Ерик Швејцер, претседател на Здружението на германски индустриски и трговски комори (DIHK), изјави дека тие не очекуваат силно економско закрепнување веднаш по кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот (Ковид-19)/

    „Оваа година ќе бидеме сведоци на историски економски пад“, изјави Швејцер во обраќањето пред новинарите во Берлин во текот на презентирањето на резултатите од истражувањето на Здружението, во кое учествуваа десет илјади германски компании.

    Тој истакна дека кризата предизвикана од коронавирусот е најголемиот предизвик за германските компании од Втората светска војна, додавајќи дека многу компании се соочуваат со проблем на ликвидност.

    Тој потсети дека секоја четврта компанија во таа земја е директно зависна од извозот.

    „Ако ги погледнеме случувањата во светот, веќе сега ги чувствуваме сите знаци на глобалната економска криза. Моментално на сцена е прераспределба на уделот на светскиот пазар“, рече Швејцер.

    Според резултатите од истражувањето на Здружението на германски индустриски и трговски комори (DIHK), 75 отсто од германските индустриски компании забележале пад на побарувачката за нивните производи, а 80 отсто очекуваат значителен пад на продажбата поради глобалната пандемија.

    Исто така, речиси 50 отсто од компаниите ги прекинаа инвестициите поради пандемијата.

    Поради нарушувањата предизвикани од коронавирусот, речиси петтина од германските индустриски компании во моментов се обидуваат да обезбедат ланци на снабдување.

    Експертите на Здружението на германски индустриски и трговски комори проценуваат дека германската економија оваа година ќе доживее пад од најмалку 10 отсто, додека следната година очекуваат раст од 5 отсто.

    Економијата на Германија во првиот квартал од оваа година поради пандемијата на коронавирусот забележа пад од 2,2 отсто во однос на претходниот квартал.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично