ПОВЕЌЕ

    Франшизата како атрактивен начин за започнување на сопствен бизнис

    Време зa читање: 2 минути

    Франшизата претставува начин на кој може да се започне сопствен бизнис кој станува особено популарен во последно време заради поголемата сигурност во работењето што ја нуди како и заради фактот дека кога се купува франшиза новата компанија станува дел од голема организација со сите предности и поволности што доаѓаат со неа.

    Во деловниот свет, франшизата се дефинира како формален однос воспоставен помеѓу франшизантот (купувачот) и франшизерот (продавачот), каде франшизерот му дозволува на франшизантот да го продава неговиот производ или услуга, му дозволува да започне со работа под дадено име и му дава насоки, врши обуки и го запознава со производствени и маркетинг-техники поврзани со производот или услугата.

    Како и сѐ друго, и франшизата има свои позитивни и негативни страни.

    Така, како позитивни страни на користењето франшиза за започнување со сопствен бизнис се:

    • Поголема сигурност во работењето;
    • Користење на поволности и предности со станувањето дел од една голема организација;
    • Поголема мотивација;
    • Обезбеден производ или услуга, реклама, имиџ, лого, препознатливост и репутација.

    Од друга страна, пак, како негативни страни на франшизата може да се наведат:

    • Недостиг на автономија во работењето;
    • Следење на одредени процедури, стандарди и техники за производот или услугата кои се во сопственост на франшизерот;
    • Франшизерот го дефинира начинот на кој ќе се спроведува бизнисот, ги одредува цените, квалитетот и карактерот на производите или услугите што ќе се нудат од страна на франшизантот.

    Франшизантот кој е купувач на франшизата, на франшизерот (продавачот) му плаќа одреден износ како надомест од продажбата на неговиот производ или услуга или плаќа тантиема (учество во добивката) за користењето на франшизата.

    Франшизата е атрактивен начин за започнување со сопствен бизнис кој ја ограничува слободата на франшизантот во однос на неговото работење, но затоа нуди сигурност, мотивација во работењето, препознатлив бренд и станување дел од една голема организација што со себе носи одредени придобивки и поволности.

    Сепак, кон франшизата треба да се пристапи особено внимателно, да се разгледаат сите придобивки, ризици, сите клаузули во договорот за франшиза добро да се разберат и да се направат напори да се добијат што подетални и поисцрпни информации со цел да се добијат добри основи за носење на квалитетни деловни одлуки.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично