Младите ќе добијат еднократна помош од 3.000 денари за купување македонски производи и услуги

Датум на објава: 29.05.2020

Време зa читање: 3 минути

Средношколците не помлади од 16 години и редовните студенти не постари од 29 години се дел од листата корисници на финансиска поддршка предвидена со третиот владин сет на економски мерки. За нив, предвидени се 3.000 денари, кои ќе ги добијат еднократко преку платежна картичка на која ќе стои ознаката „Купувам домашно“.

Министерството за образование и наука ќе ја изготви листата на корисници со податоците од електронскиот систем на училиштата и државните универзитети, со што младите нема да имаат потреба да аплицираат за картичката. Имено, преку листата на корисници на веб страната www.kupuvamdomasno.gov.mk која ќе биде објавена најдоцна до понеделник, младите со внесување на својот матичен број ќе може да проверат дали им следува финансиска поддршка.

Со специјалните картички ќе може да се плаќа од денот на приемот на картичката па сè до 31 јули. Финансиската помош, младите ќе можат да ја користат исклучиво за купување на македонски производи и услуги преку ПОС терминали и виртуелни ПОС терминали, и тоа за плаќање во објекти за сместување, ресторани и кафулиња, туристички агенции, аптеки, фризерски и козметички салони, продавници за овошје, месо, пијалоци и друго. Од македонски производи кои ќе може да се купуваат изземени се само алкохолните пијалоци и производите од тутун. По истекот на рокот, престанува можноста за користење на финансиската поддршка, по што неискористените парични средства ќе бидат вратени во државниот буџет.

Прочитајте и ...  Зошто е можеби паметна одлука да ја промените вашата кариера? 

Согласно уредбата, банките се должни да ги издадат платежните картички во најкус можен рок, но не подоцна од 3 јули. Корисниците ќе ги добијат картичките на домашна адреса или пак ќе можат да ги подигнат во самите банки. Малолетните граѓани, корисници на платежната картичка кои имаат валиден документ за идентификација, лична карта или пасош, ќе можат самостојно да дадат согласност и да склучат договор за отворање на трансакциска сметка, без присуство на родител.

Прочитајте и ...  Банките подготвени за исплата на социјалната и детска заштита

Платежната картичка нема да може да се користи за подигнување готовина од банкомати, а парите нема да можат да се префрлаат на други сметки или картички. Не е дозволено ниту конвертирање на износот во странски валути.

Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи ќе вршат инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите. За микротрговците кои ќе направат прекршок превидени се глоби во износ од 100 евра, па се до 1000 евра за големите трговци. Казни од 100 до 500 евра се предвидени и за одговорните лица во бизнисите.Правните и физичките лица во своите објекти за трговија на мало се обврзани да обезбедат посебно обележани рафтови или гондоли со ознаката „Купувам домашно“. А истото важи и за вршителите на онлајн продажба преку интернет страници, кои имаат обврска јасно да ги истакнат и посебно да ги одделат македонските производи и услуги.


Тагови: 16 години, Банкомати, владини мерки, еднократна, кредитни картички, купувај домашно, поддршка, помош,

Facebook профил: pari.com.mk

Инстаграм профил: pari.com.mk

@pari.com.mk

© Преземањето авторски содржини е забрането со закон. Преземањето на текстови и изјави во авторска сопственост на порталот pari.com.mk е дозволено делумно, со задолжителен хиперлинк до содржината која се пренесува. Секое преземање фотографија означена со лого, без претходна согласност со pari.com.mk, е строго забрането.


Сподели: