
Падот на технолошките акции, меѓу кои и оние на Nvidia, повторно го отвори прашањето дали пука балонот со вештачката интелигенција. Но, во овој бизнис треба да се разликуваат компаниите како Nvidia, кои продаваат чипови за ВИ, од компаниите што вложуваат во тие чипови и во податочни центри, очекувајќи вложеното да го вратат преку услуги. Во подкастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“, финансискиот аналитичар Горан Мартиноски ги посочува силните деловни резултати на Nvidia и нагласува дека не сите компании во секторот имаат иста финансиска позиција. Кај оние што вложуваат огромни суми, клучното прашање е кога и колку ќе заработуваат од тие инвестиции, а посебно се изложени компаниите што зависат од задолжување. Според Мартиноски, за оценката дека балонот пукнал треба да се следи побарувачката за услуги, изградбата на податочни центри, инвестициите во инфраструктура и пристапот до финансирање.
„ Дали е балон, јас би рекол дека не пукна балонот, како што се зборуваше на пазарот, сега веќе можеби малку е и таа слика појасна. Зошто не пукна балонот? За да пукне балонот, треба да се случат неколку работи, односно да се намалат побарувањето за artificial intelligence услугите, треба да се намали изградбата и да се сопре изградбата на дата центрите, треба да видиме намалување во капиталните расходи што ги прават големите компании за инвестиции во инфраструктура. Четвртиот фактор би рекол дека е финансирањето, односно голем дел од фирмите да паднат во односно финансирањето, да видат дали се зголеми каматните стапки за нив поради премијата за ризик, или пак да не можат дополнително да се задолжуваат, односно да ги враќаат кредите.“
Аналитика








