ПОВЕЌЕ

    Фантастични резултати на Комерцијална банка – за девет месеци оствари добивка 21,3 милиони евра

    Време зa читање: 8 минути

    Во периодот од 01.01-30.09.2020 година Банката од своето работење оствари позитивен финансиски резултат во износ од 1.310,6 милиони денари наспроти остварениот позитивен финансиски резултат во истиот период минатата година во износ од 1.300,6 милиони денари што претставува зголемување за 0,8%. Планираната бруто-добивка за деветте месеци од годинава е остварена со 89,1%.

    Зголемувањето на бруто-добивката е остварено во услови на позначителен пораст на дополнителната исправка на вредноста на финансиските средства заради влошување на квалитетот на корпоративното кредитно портфолио. Остварената добивка пред исправка на вредноста, е за 37,8% поголема во однос на истиот период минатата година. Значителното зголемување на добивката пред исправка на вредноста главно произлегува од зголемувањето на останатите приходи, односно приходите од капитална добивка од продажба на преземен имот по основ на ненаплатени побарувања од клиентите Прототип ДООЕЛ Скопје и Технометал Вардар АД Скопје. Позитивниот резултат од работењето, Банката го оствари во услови на прогласена вонредна состојба во Државата поради пандемијата со ковид-19 во периодот март-јули, при што е извесно дека и во следниот период здравствената и економската криза ќе се пролонгира и остануваат присутни ризиците поврзани со истата. Во периодот по прогласувањето на вонредната состојба, заклучно со 30.09.2020 година, Банката во целост го прилагоди своето работење со донесените препораки и уредби од Владата, како и со измените на регулативата поврзана со управувањето со кредитниот ризик и останатите одлуки донесени од страна на Народната банка кои беа креирани пред сè за да ги заштитат клиентите на банките кои се директно погодени од кризата.

    Вкупните приходи од работењето изнесуваат 3.833,2 милиони денари и бележат зголемување од 25,0% во однос на истиот период од минатата година.

    Нето-приходите од камата бележат зголемување од 2% во однос на истиот период од минатата година како резултат на зголемувањето на приходите од камата остварени од секторите домаќинства и држава. Ова е реализирано во услови на континуиран тренд на намалување на активните каматни стапки, при намалена понуда и каматни стапки на благајничките записи, како една од мерките поврзани со здравствената криза. Планот за анализираниот период е остварен со 99,7%.

    Нето приходите од провизии и надоместоци на 30.09.2020 година во однос на истиот период од минатата година бележат намалување од 9,2%. Ова намалување се остварува под влијание на неколку фактори: намалена економска активност на клиентите во услови на криза, укинати надоместоци за електронско и мобилно банкарство како една од мерките за олеснување на негативните ефекти за клиентите во текот на вонредната состојба и зголемени провизии кои Банката ги плаќа кон надворешни добавувачи на услуги. Планот за анализираниот период е остварен со 88,4%.

    Нето приходите од курсни разлики на 30.09.2020 година изнесуваат 119,8 милиони денари и бележат зголемување од 45% како резултат на активности на девизен пазар и по основ на курсирање на билансните позиции во услови на промени на средниот курс на валутите УСД и ЕУР. Планот за анализираниот период е остварен со 135,4%.

    Останатите приходи од работењето на Банката на 30.09.2020 година изнесуваат 1.251 милион денари и бележат повеќекратно зголемување главно како резултат на зголемување на приходите од капитална добивка по основ на продажба на преземен 2 имот, како и поголем износ на наплатени претходно отпишани побарувања. Планот за извештајниот период е трикратно надминат.

    Оперативните расходи за периодот 01.01-30.09.2020 година изнесуваат 1.263,1 милион денари и во однос на истиот период од минатата година се зголемени за 5,1% како резултат на зголемени премии за осигурување на депозитите, трошоци за амортизација и зголемени спонзорства и донации. Во услови на пандемија Банката направи повеќекратни улати за помош на здравствениот систем во услови на криза. Исто така, Банката вложи поголем износ за спонзорства во областа на спортот врз основа на ваучери издадени од Агенцијата за млади и спорт, со што се стекнува со право за намалување на данокот на добивка во висина на вкупниот износ на донираните средства. Планот кај оваа позиција е остварен со 102,0%.

    Во периодот од 01.01-30.09.2020 година Банката прокнижи 991 илјада денари исправка на вредност на нефинансиски средства, односно 20% од нето вредноста на преземениот имот согласно регулативата на НБРСМ.

    Во извештајниот период Банката оствари исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансни изложености на нето основа во износ од 1.258,5 милиони денари наспроти 560,8 милиони денари во истиот период минатата година по основ на влошување на состојбата на корпоративното кредитно портфолио.

    Биланс на состојба

    Вкупната актива на Банката на 30.09.2020 година достигна износ од 130.066,9 милиони денари и во однос на декември 2019 година бележи зголемување од 5,7%. Зголемувањето на вкупната актива во најголем дел произлегува од порастот на кредитите дадени на комитенти и вложувањата во хартии од вредност. Планот е остварен со 102,8%.

    Паричните средства и паричните еквиваленти бележат минимално намалување како резултат на намалувањето на денарските парични средства. Планот е остварен со 93,6%.

    Средствата за тргување во износ од 208 милиони денари бележат пораст од 5,6% како резултат на зголемени вложувања на Банката во сопственички хартии од вредност класифицирани за тргување, издадени од домашни издавачи. Планот е надминат за повеќе од два пати.

    Финансиските средства по објективна вредност преку билансот на успех определени како такви при почетното признавање во износ од 342,8 милиони денари се состојат од вложувања во удели во инвестициски фондови.

    Кредитите на и побарувањата од банки бележат намалување од 78,3% главно поради доспевање на орочените депозити во странска валута од 3 месеци до една година и нивно преорочување на пократки рокови. Покрај тоа, намалувањето во помал дел е резултат на продолжување со активностите за реструктурирање на активата во странска валута започнато во минатата година, со цел да се обезбедат поголеми приноси преку пласирање средства во должнички хартии од вредност. Планот е исполнет со 22,2%.

    Кредитите на и побарувањата од други комитенти бележат зголемување од 9,9% како резултат на зголемено кредитирање на секторите домаќинства, нефинансиски друштва и држава. Притоа, растот на кредитите дадени на домаќинствата бележи забавен тренд, додека кредитите на нефинансиските друштва растат со поголема динамика. Банката во овој период заедно со уште пет банки учествуваше во кредитирање на Министерството за финансии за потребите на буџетско финансирање поради што кредитирањето на секторот држава бележи значителен пораст. Планот е остварен со 106,7%.

    Вложувањата во хартии од вредност се зголемени за 42,6% главно како резултат на поголем износ на запишани од доспеани државни записи во денари и купени Македонски Еврообврзници. Планот е остварен со 143,6%.

    Преземените средства врз основа на ненаплатени побарувања се намалени за 29,7% и истите претставуваат минимална позиција во билансот на Банката.

    Вкупните депозити (депозити на комитенти и депозити на банки) достигнаа износ од 114.807,8 милиони денари и бележат зголемување од 6,7%. Планот е остварен со 103,9%.

    Обврските по кредити достигнаа износ од 636,7 милиони денари и се намалени во однос на декември 2019 година како резултат на отплатени доспеани рати од кредитните линии. Планот е остварен со 96,5%.

    Акционерскиот капитал и резервите на Банката со состојба 30.09.2020 година достигнаа износ од 13.298,8 милиони денари и се зголемени во однос на 31.12.2019 година. Во извештајниот период Банката го зголеми резервниот фонд за 6,9% по основ на распределба на нето-добивката за 2019 година, со што ја зајакна капиталната база и обезбеди целосно исполнување на регулаторните барања.

    Известување за промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

    Во извештајниот период нема промени во сметководствените политики и методи на вреднување.

    Исплатени дивиденди

    Согласно Одлуката за употреба и распоредување на нераспределената добивка до 31.12.2019 година и Одлуката за утврдување датуми при исплата на дивидендата за 2019 година, Банката на 29.04.2020 година изврши исплата на дивидендата за 2019 година на 4 акционерите иматели на обични акции кои се евидентирани во книгата на акции на 23.04.2020 година. Од вкупно пресметаната дивиденда за 2019 година во износ од 1.253.486.850,00 денари, исплатена е дивиденда на правни лица во износ од 720.755.200,00 денари и на физички лица во износ од 532.731.650,00 денари. Износот на дивиденда по една акција е 550,00 денари, односно 55,0% во однос на номиналната вредност на акцијата.

    Вложувања или продажба на материјални средства (недвижности, постројки и опрема) или значителен отпис (поголем од 30% од вредноста на средството споредено со последните годишни ревидирани финансиски извештаи)

    Недвижностите и опремата со состојба на 30.09.2020 година бележат зголемување од 0,5% во однос на декември 2019 година. Зголемувањето е резултат на нето-ефектот од нови набавки и пресметана амортизација за периодот.

    Промени во кредитните задолжувања (намалувања или зголемување поголеми од 30%)

    Со состојба на 30.09.2020 година обврските по кредити бележат намалување од 23,9% во однос на декември 2019 година, главно како резултат на повисокиот износ на редовна отплата на обврските по кредити во однос на износот на новите повлекувања по договорите за кредит.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично