Дали по 6 години пауза ќе се случи ново банкарско преземање во Македонија? Иако се смета дека има премногу банки во земјава и треба да се случи окрупнување на капиталот, тешко оди преземањето банка, без разлика дали купувачите се домашни или странци. Додека во регионот, во Европа и во светот постојано се случуваат банкарски преземања и спојувања, во Македонија овој процес се случува поретко.
Последно преземање се случи во 2019 година, кога групацијата Шпаркасе презеде 91,57 насто од Охридска банка по цена од 48 милиони евра. Спојувањето на Шпаркасе банка АД Скопје и Охридска банка заврши летото во 2021 година.
Оттогаш, имаше уште еден обид за банкарско преземање ‒ Комерцијална банка во август 2024 година објави понуда за преземање на Стопанска банка Битола. Преземањето не успеа бидејќи понудата не беше прифатена од доволно мнозинство акционери на Стопанска Битола.
Дали годинава ќе се случи преземање банка во земјава? Неофицијалните информации велат дека има обиди за преземање две банки во земјава. Pari.com.mk од свои извори дознава дека купувачите се странски банки. За едната банка веќе има и блок-трансакции на Македонската берза, а за другата засега нема ништо конкретно затоа што, неофицијално, понудената цена не била доволно атрактивна.
Сепак, работите очигледно се менуваат брзо и дефинитивно има интересни случувања во банкарскиот сектор.
Да се потсетиме кои банкарски преземања се случија во Македонија во последните 10 години:
- Групацијата Шпаркасе ја презеде Охридска банка (2019 – 2021)
- Силк Роуд Капитал ја презеде Алфа банка АД Скопје (2016)
- Централна кооперативна банка од Софија ја презеде Силекс банка (2008)
- Централна кооперативна банка АД Скопје ја презеде Статер банка АД Куманово (2011)
Што се случува во светот? Глобалната банкарска индустрија во 2023 година се соочи со значителен пад на спојувањата и преземањата, а вкупната вредност изнесуваше 284 милијарди долари, што беше пад од 28 насто во однос на 2022 година. Но, во 2024 година се случи големо закрепнување на овој пазар со вкупна вредност на спојувања и преземања од 402 милијарди долари, што е раст од 44 насто во однос на 2023 година.
Само во Европа се случија 784 зделки, а нивната вкупна вредност изнесуваше 18,8 милијарди евра.
10 најголеми спојувања и преземања во банкарскиот сектор во Европа во 2023 и 2024 година:
- UBS ја презеде Credit Suisse (Швајцарија, 2023 г.) ‒3,25 милијарди долари
- UniCredit влезе во Commerzbank (Германија, 2024 г.)
- UniCredit даде понуда за Banco BPM (Италија, 2024 г.) ‒10,1 милијарда евра
- ABN AMRO ја презеде Hauck Aufhäuser Lampe (Германија, 2024 г.) ‒672 милиони евра
- Crédit Mutuel ја презеде Oldenburgische Landesbank (Германија, 2024 г.) ‒1,7 милијарди евра
- Abanca ја презеде TARGOBANK España (Шпанија, 2023 г.)
- BNP Paribas ја презеде AXA Investment Managers (Франција, 2024 г.) ‒5,4 милијарди евра
- Nationwide ја презеде Virgin Money (Велика Британија, 2024 г.) ‒2,9 милијарди фунти
- Barclays ја презеде Tesco Bank’s Retail Operations (Велика Британија, 2024) ‒600 милиони фунти
- BBVA даде понуда за Banco Sabadell (Шпанија, 2024 г.) ‒12,2 милијарди евра
Најголеми спојувања и преземања во банкарскиот сектор во Југоисточна Европа во 2023 и 2024 година:
Романија:
- UniCredit ја презеде Alpha Bank Romania
- Intesa Sanpaolo ja презеде First Bank
- Banca Transilvania ја презеде OTP Bank Romania
Србија:
- AIK Banka ја презеде Eurobank Direktna
Словенија:
- SKB Banka се спои со Nova KBM
Овие трансакции ги одразуваат трендовите за консолидација на банкарскиот сектор во Југоисточна Европа, водени од стратешките цели за експанзија, од регулаторните притисоци, од желбата за зголемување на пазарниот удел, намалување на трошоците и подобрување на соодносот cost-to-income.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска