ПОВЕЌЕ

    Берзата во јануари: Од пет најтргувани акции – три се банкарски

    Време зa читање: 3 минути

    Стрелките се поставени угоре. Во плус се сите параметри – број на трансакции, промет, пазарна капитализација, МБИ10 – кои го обележуваат функционирањето на Македонска берза во јануари. Единствено, првиот месец од годината не донесе значајни промени кај најтргуваните акции на официјалниот пазар. Првата петорка е составена од истите играчи, три банки и две компании. Ист како и декемврискиот е редоследот на табелата: Комерцијална банка, НЛБ банка, „Алкалоид“, „Макпетрол“, Стопанска банка – Скопје.

    Раст од 42,62 проценти е забележан кај трансакциите, чиј број во јануари е 1.633. Тоа движење се рефлектира и кај прометот, кој е зголемен за 38,96 насто во однос на месецот пред тоа. Достигнува износ од 453.397.777 денари или 7,35 милиони евра. Во неговата структура најголем е уделот – од 92,10 проценти, на официјалниот пазар, со реализирани 417.568.690 денари/6.774.374 евра на име промет преку 1.619 трансакции. На редовниот пазар имало само шест трансакции со промет од 676.700 денари (10.986 евра), па неговото учество е 0,15 проценти. Блок трансакциите во структурата партиципираат со 7,75 проценти. Преку осум трансакции остварен е промет од 35.152.387 денари (570.270 евра).

    Инвеститорите и во јануари покажале најголем интерес за акциите од банките. Освен трите кои се во топ 5 најтргувани, меѓу десетте има уште една. УНИ банка е на шестата позиција.

    Промет од 2.115.015 евра е постигнат преку 511 трансакции со истргувани 8.546 акции на Комерцијална банка. Просечната цена во јануари била 15.252,52 денари за акција. Во вкупниот промет учествува со 37,21 процент.

    Со акциите на НЛБ Банка се направени 366 трансакции. Просечната цена по акција е 30.485,20 денари, истргувани се 3.220, со кои е реализиран промет од 1.592.756 евра. Со тоа има удел од 28,02 отсто во структурата на прометот.

    Во првот месец од годината, со забележаните 881.890 евра, акцијата на „Алкалоид“ придонесува со 15,51 процент во вкупниотпромет. Истргувани се 2.938 акции преку 245 трансакции, при што просечната цена е 18.496,87 денари.

    Со акциите на Макпетрол – 418 на број, изведени се 98 трансакции. Постигната е просечна цена од 64.688,89 денари и промет од 438.721 евро. Имаат удел од 7,72 проценти.

    Горниот дел од табелата се заокружува со акциите на Стопанска банка – Скопје. Просечната цена во јануари била 1.375,86 денари. Преку 63 трансакции истргувани се 7.679, а со прометот од 171.276 евра во структурата учествува со 3,02 проценти.

    Во месечниот билтен на Македонска берза, добриот почеток на годината го означуба и основниот берзански индекс МБИ10 со вредност 6.472,19, која е за 5,82 проценти повисока од декемвриската. Растот кај пазарна капитализација е 5,16 насто и бележи износ од 243.283.539.581 денар, односно 3,94 милијарди евра.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично