ПОВЕЌЕ

     „БЕЛИТЕ СЛОНОВИ” – ТАРГЕТ НА ПРОЕКТИТЕ ЗА ЈАВНО ПРИВАТНО ПАРТНЕРСТВО

    Време зa читање: 4 минути

    Автор: Стручен соработник на Пари
    Извор на фотографија: Freepik

    Во финансиската литература, фразата „бели слонови” се однесува на градби или инфраструктури кои имаат мала практична употреба или нивната вредност е многу ниска, а најчесто нивната градба и одржување се надвор од секоја економска исплатливост. Попрецизно, „белите слонови” реферираат на проекти кои имаат негативен социјален поврат. Тоа може да биде изградба на патишта, железници, болници, образовни центри и сл. Во една ваква конотација може да се каже дека Македонија е ризница на „бели слонови”. Почнувајки од еден куп објекти уште од времето на Југославија кои зјаат празни, имаат многу мала искористеност, а повеќето воопшто не се функционални и економски се тотално неисплатливи за инвестирање и рестартирање, па се до поновата група на „бели слонови” пред се од времето на проектот Скопје 2014, недовршениот автопат кон Охрид, модерната железница до Грција, гасификацијата и уште ред други „капитални проекти”.

    За да биде иронијата уште поголема, за во 2021 година се најавува продавање или Јавно Приватно Партнерство(ЈПП) на загубари, пропаднати проекти и најразлични концесии и преку тоа да се надополни буџетот и да се амортизира дел од потрошеното за кризата.

    Вакви потези, размислувања и деловни политики водат само кон еден реален исход: купување време. Обично, во случајот на Македонија периодот кој е потребен да се купи е до наредни избори.  Во време кога светот инвестира во силиконската долина, ние пробуваме да заработиме од продажба на автокамп, кога глобалните инвеститори се заинтересирани за удел во вселенски истражувања, ние бараме инвеститор за довршување на магистрален пат, или кога сите вложуваат во електронска комуникација и развој на деловни мрежи, ние ќе ја заживуваме поштата! Без разлика колку сме назад од развиените држави, ваквите потези во најмала рака го потценуваат ителектот на современиот македонски поединец.

    Последниов месец можевме да се изнаслушаме за бенефитите кои државата и граѓаните ќе ги имаат од потенцијалните проекти за ЈПП, но доста малку беа обратени негативните страни од истото и дали државата има капацитет, организациона структура и правна регулатива за спроведување на вакви проекти.

    • ЈПП се далеку покомплексни за имплементација од традиционалните методи. Се доведува во прашање адекватната алокација на ресурсите во непрофитабилни и неодржливи проекти. Поектите за ЈПП барааат многу повеќе време и посветеност од страна на државата, а резултатите може да имаат одреден “time lag”.
    • ЈПП се многу изложени на политични ризик. После одредена политичка промена, новата владина администрација може да смета дека проектите биле неисплатливи и дека само се трошат ресурсите на државата и со тоа предходната влада генерирала само политички поени. Од таа гледна точка, целосно неприфатливо е ЈПП доколку нема консензус од сите политички партии, без разлика кој ќе биде на власт во наредниот период.
    • Скоро секогаш новите проекти за ЈПП довеле до зголемување на трошоците на крајните корисници. Најразлични синдикати може да ги оспоруваат ваквите проекти бидејки постои зголемено ниво на ризик во однос на идниот надомест за користење на таквите услуги. Активната комуникација со сите инволвирани страни треба да биде дефинирана уште на сам почеток.
    • Преку ЈПП значително се зголемуваат трансакциските трошоци. Зголемени трансакциски трошоци се однесуваат на дополнителниот ангажман, зголемениот мониторинг и комплексноста во одржување на синџирот на набавки. Само доколку станува збор за голем капитален објект, на долг рок исплатливоста е возможна, во спротивно големите трошоци го прават проектот непрофитабилен.
    • ЈПП може да биде доста скапо. Процесот на креирање на ЈПП бара соодветен менаџмент и тековно следење и контролирање на проектот од страна на државата. Во голем број на случаи поради високите трошоци државата многу малку го контролира проектот или воопшто не го контролира, а резултатот на крај е нефикасен и нецелосен проект. Од друга страна обезбедувањето на финансии на приватните компании е доста поскапо од тоа што може да го обезбеди државата, а истото ќе се рефлектира и во времетраењето на исплатливоста на проектот. Тука државните субвенции или други бенефиции може да го надополнат гапот, но сепак на крај тоа ќе се рефлектира врз буџетот на граѓаните.

    Ова е само еден мал дел од потенцијалните ризици кои би можеле да ги генерираат идните ЈПП, а кои се во насока на рестартирање на “белите слонови”. Целта на овој текст не е да се негираат економските бенефити на идните економски планови туку да укажеме на можните последици од нивното спроведување. Учебниците по економија не учат дека земјите со помалку софистициран режим на отчетност и фискален мониторинг се соочуваат со ризик ЈПП да резултираат со прекумерни буџетски обврски кои може да ја загрозат долгорочната фискална одржливост.

    Автор: Стручен соработник на Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично