ПОВЕЌЕ

    Америка ќе ја означи Швајцарија како манипулатор на валута

    Време зa читање: 3 минути

    САД, веројатно, ќе ја означат Швајцарија како манипулатор на валута, пренесува „Блумберг“ повикувајќи се на писмо до клиенти од швајцарската инвестициска банка „УБС груп АГ“.

    Швајцарија со години се обидува да го потисне растот на франкот, една од најтргуваните валути во светот, преку монетарни интервенции и задржување на каматните стапки длабоко негативни. САД веруваат дека ова им дава на Швајцарците нелојална предност за тргување.

    За да се добие етикетата манипулатор на валута во САД, една земја мора да исполни три услови: да има значителен билатерален трговски суфицит со САД, да има суфицит на тековна сметка и да спроведе големи интервенции на девизниот пазар.

    Економистот на „УБС груп“, Алесандро Би, вели дека Швајцарија сега ги исполнува сите три критериуми и во моментот многу зависи од дипломатските вештини на швајцарските власти и од добрата волја на САД.

    „Иако САД можеби нема да преземат возвратни мерки, исполнувањето на сите три формални критериуми веројатно ќе доведе до зголемена неизвесност во врска со идната монетарна политика на Централната банка на Швајцарија (СНБ) и веројатно ќе ја зголеми нестабилноста на курсот“, додаде тој.

    Централните банки може да ја намалат вредноста на нивните домашни валути за да ја искористат економијата. Послабата домашна валута обезбедува конкурентска предност на извозот на една нација на глобалните пазари и го прави увозот поскап. Поголемиот извоз предизвикува поголем економски раст.

    Ознаката значи дека САД веруваат оти централната банка на друга нација не ја цени својата валута правично. Главната цел на ваквите потези е да ја принудат нацијата прекршител да преговара со САД за нивните девизни практики.

    СНБ купува девизи и ги одржува каматните стапки на негативна територија за да ја намали вредноста на франкот, едно од најбезбедните засолништа за инвеститорите за време на турбуленциите на пазарот. И покрај напорите, во последните години франкот порасна во однос на еврото и доларот.

    Американското Министерство за финансии ја стави Швајцарија на својата набљудувачка листа во својот последен полугодишен извештај во јануари, заедно со земји како Германија, Јужна Кореја и Јапонија. Исто така, ја повика швајцарската влада да ги намали даноците и да ги зголеми јавните трошоци за франкот да зајакне во однос на американскиот долар.

    СНБ тврди дека нејзините интервенции не се наменети да ѝ дадат предност на швајцарската економија во трговијата и дека таа само се обидува да обезбеди стабилност на цените и да избегне рецесија. Швајцарија веќе беше додадена на листата во 2016 година кога го укина врзувањето на девизниот курс со еврото, но беше отстранета две години подоцна.

    Министерството за финансии обично го објавува својот извештај за девизните политики на најголемите трговски партнери секој октомври и април, но оној во октомври 2019 година беше објавен дури во јануари годинава поради разговорите меѓу Кина и САД. Следниот извештај треба да се појави набргу, но не е објавен одреден датум.

    Во јануари Министерството за финансии ја тргна ознаката од Кина како манипулатор на валута само неколку дена пред САД и Кина да го потпишат нивниот трговски договор од Фазата 1.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично