ПОВЕЌЕ

    Амазон воведува нов начин на плаќање – доволна е вашата дланка!

    Време зa читање: 2 минути

    Заборавете на Apple и нивната кредитна картичка за којашто сите зборуваат деновиве. За новиот начин на плаќање, што го објави компанијата Amazon пред некој ден, потребно е да имате само едно – вашата дланка!

    Од почетокот на неговото постоење, Амазон најпрво го „размрда“ малопродажниот пазар со тоа што стана еден од првите што нудеше онлајн купување. Во поново време, компанијата има влијание врз индустријата на супермаркети преку своите продавници Amazon Go, во коишто нема каси, туку само сензори коишто бележат што сте зеле од продавницата и наплаќаат преку корисничките сметки на Амазон.

    Сега изгледа дека гигантот за е-трговија сака да влезе и во индустријата за плаќање воведувајќи иновација со што ќе го воведе системот за скенирање на дланки кој има кодирано име „Орвил“. На овој начин ќе се елиминира потребата од плаќање со кредитни картички или готовина.

    Медиумите јавуваат дека компанијата ги користи своите вработени во Њујорк како „заморчиња“ и ги тестира нивните дланки. Компанијата веќе има инсталирано систем на машини за продажба за чипс, газирани пијалоци, чоколади и полначи за телефони.

    За разлика од повеќето биометриски системи каде што има потреба да се допре површината на скенерот, верзијата на оваа технологија на Амазон не бара физички да се допре уредот. Имено, компанијата користи технологија за препознавање на големината и обликот на дланката пред да ги префрли парите од кредитната картичка што претходно е поврзана со корисничката сметка на Амазон.

    Компанијата се надева дека на почетокот на следната година ќе успее да ја воведе оваа технологија во неколку од своите Whole Foods продавници, од каде што ќе продолжи да се шири.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично