,,Анализата на распишаниот јавен оглас пред два дена, како и лошатата финансиска соостојба на АД ,,Пошта” покажува дека 80% од посочените вработувања не се во согласност со реалните потреби на Друштвото, односно со цел за поголема ефикасност, продуктивност и мотивација во работењето, тие испразнети работни места може да се пополнат со внатрешно прераспоредување на постоечките кадри во самите Подружници и Дирекција, велат од Синдикатот на Македонска пошта.
Имено, Ставот на Синдикатот на Македонска пошта и вработените е дека само неколку испразнети работни места кои не се повеќе од 5 до 7 работни места, односно 20% од вкупниот број на објавените вработувања во огласот со високо образование се оправдани од причина што за нив се бара соодветно образование и истите претставуваат реална потреба за пополнување со нови вработувања, додека пак останатите 80% од објавените работни места се крајно непотребни и непродуктивни, а истите може да се пополнат со внатрешно прераспоредување од постоечките кадри согласно нивниот работен стаж и искуство, имајќи во предвид дека за тие работни места не е потребно соодветно образование, односно истите може да се реализираат и со било кое друго високо образование.
Исто така, Друштвото не спроведе постапка на информирање и консултирање со Синдикатите и не побара мислење за ова прашање кое директно ќе има импликации на останатите вработени, нивните плати, како и на опстојувањето на Македонска пошта. На тој начин постапката е спроведена спротивно на Законот за работните односи, конвенциите на МОТ и директивите на ЕУ за информирање и консултирање.
Од горе изнесените аргументи, Синдикатот на Македонска пошта со ова соопштение го повикува Генералниот директор да ја преиспита одлука за распишување на јавен оглас за вработување на нови триесет и еден административен работник имајќи ја во предвид лошата финансиска состојба и можноста поголемиот дел од испразнетите работни места да се пополнат со внатрешно прераспоредувања од постоечките кадри и со тоа да се овозможи
Пренамена на планираните средства за нови вработувања, истите да се наменат за зголемување на платите на вработените кои повеќе од 30 години не се зголемени и истите се далеку под просечна плата, а особено загрижувачко е нивото на плата на 80% од вработените кои се во технолошкиот процес каде што нивната плата е приближна на минималната плата. Потребата за пренамена на средствата за зголемување на платите се дотолку оправдана и неопходна со оглед на секојдневните зголемувања на цените на основните намирници за живот, а секое поскапување ја продлабочува нашата долгогодишна борба за пристоен и достоинствен живот на нашите семејства.
Барањето за зголемување на платите е во согласност со Меморандумот за соработка и разбирање од 18.12.2019 год во кој Работодавецот и Синикатите се обврзуваат за изнаоѓање решение за реализација за зголемување на платите на вработените.
Според податоците објавени на порталот Pari.com.mk ,,Пошта” лани покажала загуба од 1,5 милиони евра на сметка.