НЛБ Банка и Виза се Генерални спонзори на најновото филмско остварување „Кајмак“ на познатиот македонски филмски режисер и сценарист Милчо Mанчевски кое започнува да се снима на почеток на јули годинава.
На денешната конференција за печат Манчевски ги обелодени деталите околу снимањето и филмската екипа со што и најави жешко скопско лето.
Банката заедно со Виза ги препозна потенцијалите на ова негово ново филмско остварување и ќе бидат партнерска поддршка за време на снимањето.
„Ни претставува голема чест да соработуваме со еминентниот режисер Манчевски, кој како амбасадор на културата ја промовира нашата земја на интернационално ниво. За величината на она што тој го работи говорат неговите филмови кои се гледани комерцијално и фестивалски, а се дел од наставната програма на стотици универзитети и се влезени во светското уметничко наследство. Навистина сме возбудени што ја остваривме оваа соработка и со нетрпение ја очекуваме реализацијата на филмот, но и животот на филмот после неговата премиерата. Како општествено одговорна компанија се грижиме за културата или поконкретно седмата уметност која на повеќе наврати не направи сите многу горди како Македонци. Знаеме да му покажеме на светот дека оваа мала балканска земја има свои сериозни потенцијали со кои му парира на светот. Заедно со Виза сакаме и среќни сме да бидеме дел од оваа приказна и да ги поддржиме нашите уметници во остварување на нивните потенцијали“ изјавија од НЛБ Банка и Виза.
Екипата е горда што во оваа најтешка пандемиска година во светот, токму овој филм доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж, што е несомнено огромна потврда за вредноста на проектот.
Филмот ќе се снима со екипа од Македонија, Данска, Холандија, Хрватска, Бугарија, Англија, Италија и Србија. „Кајмак“ жанровски е црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот на филмот.
Манчевски покрај режисер се јавува и како сценарист на „Кајмак“, а главните ролји се доверени на актерите: Камка Тоциновски, Сара Климоска, Александар Микиќ, Ана Стојановска, Симона Спировска, Петар Мирчевски, Филип Трајковиќ, Сашка Димитровска, Лазе Манасковски, Јасмина Василева, Дејан Лилиќ, Елена Кузманов, Крсте Роџевски, Ана Димитрова, Никола Ристески, Ангела Димитрова, Соња Михајлова, Александра Пешевска, Ѓорѓи Јолевски, Љиљана Богојевиќ, Сара Станиќ и други.
Филмот е европска копродукција, поддржан од Агенцијата за филм на Македонија, како и од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија. Македонската Радио Телевизија е копродуцент.
Како потсетување последниот филм на Манчевски „Врба“ ја доживеа премиерата на Римскиот филмски фестивал, а потоа беше прикажан на уште 30 меѓународни фестивали и освои пет награди (Рејнденс, Синеквест, Валенсија, итн), Европската филмска академија го вброи во потесниот избор на филмови за награда во 2020, а „Врба“ беше и македонски кандидат за Оскар. Филмот собори рекорди на гледаност во Македонија, а од неодамна е продаден за дистрибуција во САД, каде наскоро ќе има и ДВД издание. Тој се прикажува и на Синемакс и на Ејч-Би-О.