Во Министерството за финансии работиме на план за финансирање на забрзан раст. Тоа значи дека покрај инвестиците кои ќе бидат од јавни односно од буџетски средства или задолжувања ќе има можност и за мобилизирање на приватниот капитал по примерот на Јункер планот каде што се предвидуваат и нови инструменти на привлекување средства од приватен капитал или приватни инвестициски фондови со мултипликативен ефект да има поголем импакт врз економијата, рече министерот за финансии Фатмир Бесими вечерва во гостување на ТВ 24 вести.
Годината на криза, потенцираше, ја завршивме со 81 процент реализација на капиталните расходи, што беше далеку подобро од претходните години.
– Со воведување на новиот механизам ќе гледаме да се подобри таа реализација. Нови единици во делот на Министерството за финансии за следење на капиталните инвестиции, подобро планирање на краткорочно и на долгорочно ниво, но секако и во самото ова се предвидува на ниво на Влада да има единица на следење и олеснување на процесот на реализација на капиталните проекти и инвестиции кои се најавени како стратешки и разни форми, наведе Бесими.
Преку планот за финансирање на заздравување и забрзан економски раст се предвидуваат нови начини за пристап до капитал за проекти во јавниот и приватниот сектор. Целта е преку креирање и користење нови механизми, инструменти, фондови и извори на финансирање да се создаде мултипликативен ефект, односно покрај планираните јавни инвестиции во износ од околу 4 милијарди евра за периодот 2021-2025 година, финансирани од буџетот, ИПА фондовите и меѓународните финансиски институции, да се мобилизираат неколкукратно повеќе средства и инвестиции од приватниот сектор.
Планот се состои во креирање развојни фондови, фондови за поддршка на иновации, гарантни фондови, еквити фондови, фондови за ризичен (venture) капитал и слични инструменти за поддршка на извозни компании, мали и средни претпријатија, како и социјални претпријатија. Се планираат јавно-приватни партнерства, концесии и други инструменти за финансирање јавни капитални проекти, но и на приватниот сектор.