Американскиот гигант за електронска трговија „Amazon“ објави дека го купи филмското студио „MGM“ за 8,45 милијарди долари, што е најамбициозниот потег во филмската индустрија, пренесува „CNBC“.
Ова е втора најголема аквизиција на „Amazon“ откако го купи ланецот за намирници „Whole Foods“ во 2017-та година.
Од „Amazon“ велат дека сакаат да ја искористат богатата историја на студиото, како и огромниот каталог со 4.000 филмови и 17.000 ТВ серии за да го зајакнат бизнисот со филијалата „Amazon Studio“.
„Вистинската вредност зад оваа аквизиција е огромениот каталог што сакаме да го освежиме и развиеме со талентираниот тим од MGM“, вели потпретседателот на „Amazon Studio“, Мајк Хопкинс.
Оваа инвестиција е показател дека „Amazon“ сака да остане конкурентен на пазарот на платформи за стриминг. „Netflix“, „Disney“ и другите стриминг услуги инвестираат милијарди за да ги наполнат своите библиотеки со содржини за да добијат што повеќе претплатници.
Само минатата година, „Amazon“ потроши над 10 милијарди долари на видео и музичка содржина, а бројот на претплатници на нивниот сервис „Amazon Prime“ надмина 200 милиони долари во оваа година.
Инвестициите секако се исплатеа, бидејќи од нивните редови излезе филмот „Manchester by the sea“, кој го освои Оскарот во 2017-та година за најдобро сценарио.
Друг привлечен проект е адаптацијата „Господар на прстените“, која во моментов е во фаза на производство и се проценува дека чини повеќе од 460 милиони долари, што ја прави најскапата серија досега.