За три часа и 25 минути македонските граѓани ќе може со директен лет да ја посетат руската престолнина Москва. Како што претходно најавија и од Агенцијата за цивилно воздухопловство дека се водат преговори со руска авиокомпанија за лет до Москва, денеска информацијата дека е постигнат договор ја потврдија од Руската амбасада.
На 21 мај, авиокомпанијата „Нордвинд ерлајнс“ ќе започне со директни летови на новата меѓународна релација Москва – Скопје, соопшти Руската амбасада во Скопје. Летовите ќе бидат еднаш неделно, во петок, а времето на патувањето е 3 часа 25 минути.
На веб сајтот на авиокомпанијата веќе можат да се прават резервации и билет за еден правец од Скопје до Москва чини од 125 евра. Руската компанија „Нордвинд ерлајнс“ ќе лета од московскиот аеродром Шереметјево со авион од типот „Боинг 737-800“ со 189 седишта.