ПОВЕЌЕ

    Како се транспортираше отровниот линдан-од ОХИС преку Солун до европските земји

    Време зa читање: 5 минути

    Токсичната депонија во ОХИС се чисти. Вкупно 450 тони отпад со висококонцентриран линдан спакуван во буриња се изнесува од фабриката. Уште 200 тони загадена почва се препакува во специјализирани контејнери.Како што претходно објави Министерството за животна средина целиот процес на чистење на оваа високотоксична депонија го изведува грчката компанија Polyeco.

    Сепак, како се одвива целата постапка кога еден високо токсичен загадувач како линдан треба да се транспортира, Pari.com.mk раговараше со Министерството за животна средина од каде што детално ја објаснија постапката нагласувајќи дека не постои ризик по екологијата.

    -„Polyeco“ ќе врши ракување, пакување, етикетирање и времено складирање на отпадот во согласност со упатствата на Базелската Конвенција и меѓународните стандарди за управување со отпад кој содржи перзистентни органски загадувачи. Отпадот ќе се препакува во буриња одобрени од ООН, а и контаминираната почва ќе се препакува во специјализирани контејнери (сертифицирани и лиценцирани за пренос на отпад согласно АДР конвенцијата, велат од Министерството за животна средина.

    Транспортот на отпадот ќе се одвива од локацијата во  ОХИС до Солунското пристаниште, а од таму со брод до Франција до компанијата за горење на отпадот  „Фос Сур Мер“. Конатминираната почва исто така ќе се носи до Солун а оттаму со брод до пристаништето во Ротердам Холандија, а ќе се преработи во компанијата „АТМ“.

    -Отпадот и контаминирана земја ќе се транспортираат од локацијата во  ОХИС до Солунското пристаниште низ  Македонија со камиони од страна на лиценциран превозник, почитувајќи ги одредбите на Базелската конвенција за контрола на прекуграничното пренесување на опасен отпад, како и на Европската спогодба за меѓународен превоз на опасни материи по патишта (АДР). Камионите од Македонија ќе влезат во Грција преку граничниот премин Богородица, информираат од министерството.

    Целата оваа активност за ремедијација на локацијата во ОХИС е финансирана од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и од страна на Владата на Република Северна Македонија. Министерството за животна средина и просторно планирање, во буџетот за 2021 година има обезбедено финансиски средства во висина од 43.650.000 денари за реализација на потребни активности на проектот.

    Целата оваа активност, со ремедијацијата на дел од депонијата до уништување, чини близу 2 милиони евра.

    Остатокот од малата депонија ќе биде исчистен од средствата кои се собираат во Мулти-партнерскиот фонд, со кој управува UNOPS.

    Планот за ремедијација на локацијата во ОХИС АД, Скопје, е доставен од страна на компанијата „Polyeco“ од Р. Грција која е избрана како најповолен понудувач од страна на имплементационата агенција на проектот Организацијата за индустриски развој при Обединетите нации (UNIDO) на  јавниот повик за избор на изведувач на работите распишан во средината на октомври 2019 година.UNIDO склучи договор на 15 септември, 2020 година.

    Согласно барањата во тендерската документација, компанијата „Polyeco“ беше обврзана во рамките на подготвителната фаза, пред отпочнување со активностите, да достави „План за ремедијација на локацијата“. На 05.03.2021 година UNIDO го информира Министерството за животна средина и просторно планирање дека Планот доставен од „Polyeco“ е одобрен од нивна страна и истиот беше доставен до Министерството за животна средина и просторно планирање на 5 април 2021 година за одобрување.

    Овој план и вклучените контролни листи ги опишуваат мерките што треба да се преземат во итни случаи и кои треба да се користат како водич при управувањето и соодветниот одговор, како и за минимизирање на несакани ефектите при реализација на активноста.

    Планот содржи процедури и контролни листи кои се однесуваат на евентуално можните несакани ефекти при реализацијата.

    Решението издадено од МЖСПП, при реализирање на Планот го обврзува „ POLYECO SA “ од Р. Грција да се придржува кон навремено и целосно реализирање на сите активности кои се предвидени во истиот и, особено да пристапи кон исполнување на следните активности:

    1. Подготовка на локацијата со реализирање на следните активности:

    – Инсталирање на шатор преку малата (делта-HCH) депонија со интегрирани единици за негативен притисок и филтри за прочистување на воздухот (HEPA и филтри со активен јаглен),

    – Зонирање и обележување на локацијата,

    – Инсталирање на опрема за пакување (машинерија и пакувања одобрени од Обединетите Нации).

    – Обезбедување на опрема за лична заштита.

    –  Обезбедување на опрема и материјали за здравствена заштита и безбедност и за заштита на животната средина и –

    Друга опрема за ракување пропишана со Планот

    1. Пакување, времено складирање и обезбедување на дозволи за извоз согласно Базелската Конвенција до инсталации за отстранување на отпад и тоа за 450 тони од високо концентрираниот HCH отпад, 200 тони земја контаминирана со HCH, како и на нус продуктите настанати како резултат на активностите од ремедијацијата.
    2. Донесување и спроведување на мониторинг план, мониторинг на успешноста на третманот на контаминираната земја, мониторинг на медиумите на животната средина за евентуалната нивна контаминација како резултат на активностите за ремедијација и мониторинг по спроведените активности за ремедијација.
    3. Спроведување на Планот за безбедност и здравје (ХАСП), согласно дел II од Планот.
    4. Спроведување на Планот за подготвеност и одговор за превенција од итни случаи.
    5. Почитување на мерките за намалување на влијанијата врз животната средина поврзани со минимизирање и/или елиминирање на ризиците поврзани со ослободување на НСН и контаминираната почва во животната средина кои се наведени во Планот за ремедијација како и спроведување на дополнителни решенија доколку за време на реализирањето на активностите предвидени во Планот се покаже потреба од зголемен обем и вид на превенција.

    Редакција Пари

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично