На 59-тата владина седница е усвоена информацијата за статусот на реализација на економски мерки за справување со КОВИД-19 што ја презентираше Министерството за финансии.
Според анализата врз основа на која е направена информацијата одговорот на фискалната политика на пандемијата во земјата бил брз и значаен во поддршката на претпријатијата и вработените во најпогодените дејности и на ранливите категории на население и имал значително влијание кон ублажување на негативните последици на пандемијата врз доходот и потрошувачката на домаќинствата и активноста на деловните субјекти. Фискалниот стимул на досега реализираните мерки изнесува 704 милиони евра, односно 6,5% од БДП.
Оттука, се проценува дека преку фискален импулс од 704 милиони евра (6,5% од БДП) падот на економската активност е ублажен, односно без овие мерки падот на економската активност би бил повисок за 3,9 процентни поени во 2020 година, односно би изнесувал -8,4%, наспроти остварениот пад од 4,5%.
Со четирите анти-ковид мерки ублажени се последиците и во однос на стапката на невработеноста која во првото тромесечје на минатата година порасна од 16,2% на 16,7%, додека во третото и четвртото тромесечје бележи постепено намалување на 16,5% и 16,1% соодветно, со што просечната стапка на невработеност во 2020 година изнесува 16,4%.
Просечната месечна нето-плата во 2020 година, согласно предвидувањата, забележа раст од 7,8%, кој произлегува од мерките преземени пред пандемијата, како што се: зголемувањето на нивото на минимална плата, владината мерка за финансиска поддршка на работодавците коишто ќе извршат зголемување на платата до одреден износ, зголемените плати на вработените во јавниот сектор во септември 2019 година, како и дополнителното зголемување на платите во образованието и здравството во 2020 година.
Владата на последната седница го утврди текстот на Предлог-законот за гаранција на Република Северна Македонија на обврските по Финансискиот договор за одговор на Северна Македонија на КОВИД-19.
Предлог-законот, кој е доставен на усвојување во Собранието, е наменет да го поддржи финансирањето на малите и средни претпријатија и средно пазарно капитализирани претпријатија, кое ќе се оствари со договор меѓу Европската инвестициона банка и Развојната банка на Северна Македонија АД Скопје со кој 100.000.000 евра свеж капитал ќе се наменат за поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството и зголемен извоз.
На денешната седница е донесена одлука за исплата на 100.000.000 денари од Програмата за справување со КОВИД-19 од Буџетот на Република Северна Македонија на „Тутунски комбинат“ А.Д. Прилеп за да се реализира заклучокот на Владата од седницата на 18 март за привремената поддршка за откуп на вишокот тутун од реколтата од 2020 година, со обврска Тутунскиот комбинат овие средства да ги врати во Буџетот до 10 декември 2021 година.
Владата денеска го одобри текстот на Меморандумот за разбирање помеѓу компаниите Бехтел&Енка (Bechtel&Enka) и Владата на Република Северна Македонија за соработка за проектна подготовка и изградба на автопатските делници Тетово – Гостивар – Букојчани, и Требеништа – Струга – Ќафасан, од Коридорот 8, како и изградба на автопатската делница Прилеп – Битола од Коридорот 10д.