ПОВЕЌЕ

    Народната банка преку работилница ги обедини статистичарите од централните банки во регионот

    Време зa читање: 4 минути

    Во текот на вчерашниот ден Народната банка одржа работилница посветена на предизвиците за статистиката коишто ги наметнува ковид-19 пандемијата, и на тој начин успеа  да обедини статистичари од десет централни банки од регионот.  Основа цел на работилницата беше  токму тоа, да се обединат статистичарите од централните банки во регионот, односно од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Косово, Романија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора, коишто ги разменија досегашните искуства и практики и понудија решенија за надминување на предизвиците што произлегоа од ковид-кризата. 

    „За разлика од претходните кризни епизоди, коишто упатија на потреба од пополнување на т.н. „празнини на податоците”, односно изготвување податоци што недостасуваат за носење соодветни одлуки, оваа криза дополнително ги нагласи потребата и предизвиците во поглед на обезбедување континуитет, односно навременост и квалитет на целокупниот статистички процес” – истакна меѓу другото вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во своето обраќање со коешто ја отвори работилницата.

    Во обраќањето, вицегувернерката посочи дека секоја криза носи предизвици за статистиката и статистичарите, и подетално се осврна и на предизвиците коишто досега се констатираа во текот на актуелната криза. Во овој специфичен период, Митреска посочи дека нашата централна банка успеа да ги обезбеди сите статистички истражувања без доцнење, со задржување на стандардниот квалитет. Искуството на Народната банка во овој поглед, односно деталните аспекти на процесот на прибирање и изготвување на статистичките податоци во услови на корона-криза беа образложени во презентацијата од Дирекцијата за статистика.

    Како што беше истакнато на работилницата, целокупниот контекст на пандемијата на ковид-19 влијае врз прибирањето и дисеминацијата на статистичките податоци, во време кога статистиката е најпотребна. Преку презентациите и дискусијата на работилницата се овозможи размена на искуствата за специфичните проблеми со кои се имаат соочено статистичарите во досегашниот период од кризата и беа презентирани повеќе индивидуални решенија, со што работилницата овозможи збогатување на знаењата и капацитетите на централните банки од регионот за справување со предизвиците коишто во статистичката област би можеле да дојдат до израз во иднина. Конкретно, на виртуелниот настан беа одржани десет презентации, преку коишто се отворија и прашања за натамошните предизвици за статистиката (како на пр. веројатноста од идни поголеми ревизии на податоците), по што следеше дискусија за нив. 

    Статистичарите коишто учествуваа на работилницата заклучија дека централните банки од регионот, во однос на остварувањето на своите задачи како носители на статистики, спроведоа соодветни мерки за надминување на шокот предизвикан од првиот бран на пандемијата на ковид-19, со што „новата нормала” засега има ограничено влијание врз целиот статистички систем. Статистичките системи не само што докажаа дека се отпорни на овој вид шокови, каков што беше првиот бран на корона-кризата, туку во некои од земјите, носителите на статистика и во услов на корона-шокот направија методолошки подобрувања, започнаа со примена на полесен пристап до податоците за корисниците, обезбедија полесен начин на спроведување на статистичките истражувања и доставување податоци од страна на известувачите, воведоа нови и подетални податоци. Меѓу носителите на статистики коишто се вбројуваат во овие позитивни примери е и нашата централна банка. Во изминатиот период, Народната банка почна да доставува повеќедимензионални податоци за директните инвестиции до Еуростат, почнa со редовно објавување подетални прегледи на портфолио-вложувањата на резидентите во странски хартии од вредност, а во тек е и подготовката за првото објавување на податоците од статистиката на финансиските сметки. 

    На работилницата се заклучи дека носителите на статистичките истражувања и натаму, во услови на корона-криза, можат да се соочат со предизвици какви што се тешкотии при прибирањето на истражувањата, помалата респонзивност за одговор на статистичките истражувања и доцнењето во доставувањето на податоците од известувачите. Во однос на ваквите проблеми, на работилницата се разговараше за повеќе можни решенија, врз база на досегашните искуства од периодот на кризата.

    Статистичарите од десетте централни банки од регионот изразија задоволство од споделените искуства и донесените заклучоци и од напорите на Народната банка, не само за достигнувањето на високите статистички стандарди, туку и како кохезивен фактор на носителите на статистиките, наметнувајќи се како еден од лидерите меѓу носителите на статистички истражувања во регионот.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично