Заради согледување на движењата кај плаќањата, во услови кога навиките за начинот на извршување на плаќањата се менуваат заради влијанието на пандемијата на ковид-19, Народната банка ги обработи податоците од платежната статистика за третиот квартал од оваа година и ги објави пред вообичаениот рок, утврден во календарот за објавување податоци од платежната статистика.
Плаќањата со платежните картички во трговијата во земјата во третиот квартал од 2020 година забележаа значителен годишен раст кај бројот и вредноста на остварените трансакции од 41% и 42%, соодветно. Притоа, забележлив е високиот годишен раст на бројот на плаќањата на граѓаните со платежни картички на местата на продажба на интернет, којшто во третиот квартал од оваа година изнесуваше 175% и е речиси петкратно повисок од годишниот раст во истиот квартал од минатaта година (37,7%). Во однос на користењето на платежните картички на физичките места на продажба, во третиот квартал од оваа година беше остварен годишен раст од 36,8%, којшто е значително повисок од годишниот раст во истиот квартал од минатата година (22,3%).
Од друга страна, негативно влијание на пандемијата е изразено кај плаќањата со користење на инструментот кредитни трансфери, коишто забележаа годишен пад од 4,4% кај бројот и од 4,9% кај вредноста на трансакциите.
Сепак, од почнувањето на ковид-кризата па наваму, физичките лица сè почесто ги користеле придобивките на електронското банкарство. Бројот на електронски кредитни трансфери иницирани од страна на граѓаните во третиот квартал се зголемил за значителни 35,4% на годишна основа, што е речиси трипати повеќе во споредба со годишниот раст во истиот квартал во 2019 година (12,8%). За извршување на плаќањата, граѓаните особено ги користеле мобилните апликации, што укажува на натамошно менување на платежните навики во прилог на користењето на дигиталните канали за плаќање. Бројот на плаќања извршени со мобилен телефон забележително пораснал за значителни 84,2% на годишна основа. Остварениот раст кај плаќањата извршени на ваков начин е исто така многу повисок од годишниот раст остварен во третиот квартал од минатата година, којшто изнесуваше 49,3%. Покрај тоа, во третиот квартал од годинава продолжува и трендот на голема употреба на компјутерите за извршување плаќања во земјата од страна на граѓаните. Поконкретно, кај овие плаќања, во третиот квартал од оваа година се забележува висок годишен раст од 20,1%, којшто е повисок за четирипати од годишниот раст во третиот квартал од минатaта година, којшто изнесуваше 4,7%. Од друга страна, условите коишто ги наметна пандемијата на ковид-19 придонесоа за забрзано менување на навиките на граѓаните и во однос на иницирањето кредитни трансфери на хартија, при што бројот на кредитните трансфери иницирани на овој начин забележа висок годишен пад од 34,4% во третиот квартал оваа година, наспроти годишниот раст во истиот квартал во минатата година, од 8,5%.
Менувањето на навиките на граѓаните во услови на ограничено движење заради пандемијата придонесе за впечатлив годишен раст на нивните плаќања со платежни картички преку интернет во земјата од 141%, како и на кредитните трансфери иницирани по електронски пат од 28%, во текот на сите три квартали од 2020 година.